• сабота, 23 ноември 2024

„Сонцето не грее на сите страни” на Ал Џазира Балкан фестивал за документарен филм

„Сонцето не грее на сите страни” на Ал Џазира Балкан фестивал за документарен филм
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Документарниот игран филм „Сонцето не грее на сите страни” во режија на Глигор Кондовски денеска ќе биде прикажан на програмата AJB Industry, во рамки на  фестивалот Ал Џазира Балкан фестивал за документарен филм во Сараево.

Документарецот е на „Револутион продукција“ од Скопје, режија и музика - Глигор Кондовски, директор на фотографија е Слаѓан Милошевски, продуцент  Дејан Милошевски, а монтажата на филмот е на  Иван  Костадиновски.

-„Сонцето не грее на сите страни” кој е во селекцијата „Балкански ѕвезди“, ја следи приказната за македонскиот Елвис Присли - Ване Црнгаров, роден во струмичкото село Куклиш, кој заминува за Австралија. Сиромаштијата го тера главниот карактер да почне да се занимава со музика и така да заработува за живот. Приказната се одвива и во Австралија каде тој настапува како легендарниот Елвис Присли, но и во Куклиш за кој тагува и е носталгичен целиот живот. Документарниот филм изобилува со музика, која му дава боја на филмот, преку неа гледачот се поврзува со Ване и ја чувствува неговата болка. Мотивацијата да се снима овој филм е универзалната приказна на иселениците кои од различни причини заминуваат од родната земја, но како што вели и Ване - каменот си тежи на своето, соопшти „Револутион продукција“ .

Оваа година на програмата AJB Industry се селектирани 32 проекти од 21 земја. Целта на платформата, како што наведува продукцијата, е да им овозможи на режисерите и на продуцентите да се поврзат со фондови, дистрибутери и агенти за продажба за развој и презентација на филмовите кои обработуваат разнлични теми.

Во четирите фестивалски денови на учесниците им се нуди учество на пичинзи, дискусија на тркалезни маси, панел-дискусии и индивидуални средби со професионалци од светот на документаристиката. хс/са/

Остани поврзан