• сабота, 23 ноември 2024

Сондата „Паркер“ очекува шесто прелетување над Венера

Сондата „Паркер“ очекува шесто прелетување над Венера

Хјустон, 15 август 2023 (МИА) - Сончевата сонда „Паркер“ на американската Национална воздушно-вселенска администрација - НАСА, како што се предвидува, oвој месец ќе го направи своето шесто прелетување над Венера.

Леталото ја користи гравитацијата на планетата за самото да се доближи до Сонцето. Лабораторијата за применета физика „Џон Хопкинс“ во Лорел, Мериленд, САД, и тимот на мисијата испратиja серија команди што му овозможија на „Паркер“ да изврши кус и прецизен маневар на 3 август како подготовка за шестото блиско прелетување над Венера в понеделник, 21 август.

Вселенското летало така ќе се наоѓа на 7,2 милиони километри од Сонцето и ќе достигне брзина поголема од 635.275 км/ч. Според НАСА, тоа ќе значи соборување на својот рекорд во брзина и во оддалеченост од нашата ѕвезда. Сондата во јуни беше на 8,3 милиони километри од површината на Сонцето.

НАСА натаму планира уште едно прелетување на Венера и приближување до Сонцето на околу 6,2 милиони километри. За споредба, нашата Земја е оддалечена 149 милиони километри од него. „Паркер“ притоа треба да достигне брзина од 700.000 км/ч, но тоа е предвидено за 2024 година.

Според науниците, секоја таква можност нуди собирање вредни податоци за врелата, џиновска огнена топка и нејзиното влијание врз Сончевиот Систем.

Сондата полета во 2018 година, а во 2021. стана првото вселенско летало направено од човек, што „го допрело“ Сонцето... Тоа значи дека леталото навлезе низ тн. Корона, т.е. горната атмосфера на нашата ѕвезда. Сондата е заштитена со напреден штит што може да ја издржи топлината и зрачењето од Сонцето.

Научниците во оваа мисија се обидуваат да разоткријат што повеќе сознанија за нашето Сонце, како што е зголемената температура на Короната во однос на површината на ѕвездата. Тие, исто така, сакаат да го проучат Сончевиот ветер што постојано се менува, и исфрла наплив од интензивно наелектризирани честички во Вселената.  си/сд/

Фото: Официјална страница на НАСА

Остани поврзан