• среда, 27 ноември 2024

„Соларен саем“ за обновливи извори на енергија во Скопје

„Соларен саем“ за обновливи извори на енергија во Скопје

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Од денеска до 17 септември, во организација на „Македонската Соларна Асоцијација“ и Скопје Сити Мол ќе се одржува „Соларен Саем“.

Со учество на преку 20-тина компании, на 24 резервирани локации, на приземјето во Скопје Сити Мол, посетителите ќе имаат можност да ги погледнат најновите технологии од соларниот сектор.

На саемот ќе бидат присутни производители и трговци на соларна опрема како: фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фото/термални колектори, громобранска заштита, системи за греење/ладење/вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери.

Посетителите ќе можат да учествуваат и на дискусии за користење на обновливи извори енергија за домаќинства и да слушнат препораки од граѓанските организации кои работат во овие сектори. При разгледувањето на соларната опрема граѓаните ќе можат да остварат непосредни средби и со претставници од банкарскиот сектор и со донатори и ќе добијат корисни препораки за различни опции за финансирање при избор на опрема.

Целта на саемот, како што велат организаторите, е да се намали влијанието на климатските промени преку примена на обновливи извори енергија.

Саемот е финансиран во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест” и во соработка со „Македонското здружение на млади правници“ и „Организација за поврзување на природни вредности и луѓе” (CNVP). Целиот проект финансиски е поддржан од Владата на Кралството Шведска. дма/лв/

 

Остани поврзан