• среда, 18 декември 2024

„Создавање надеж преку акција“ – Светски ден за превенција од самоубиства

„Создавање надеж преку акција“ – Светски ден за превенција од самоубиства
Скопје, 10 септември 2022 (МИА) – Секоја година на 10 септември се одбележува Светскиот ден за превенција од самоубиства што има за цел да ја зголеми свеста дека самоубиството може да се спречи. „Создавање надеж преку акција“ е тригодишна тема за Светскиот ден на превенција од самоубиства од 2021 до 2023 година, како потсетник дека надежта постои и има за цел, како што велат од Светската здравствена организација (СЗО) „да инспирира добрина и светлина“. - Со создавање надеж преку акција, можеме да им сигнализираме на луѓето кои имаат самоубиствени мисли дека има надеж и дека се грижиме и сакаме да ги поддржиме. Исто така, сугерира дека нашите постапки, без разлика колку се големи или мали, може да им дадат надеж на оние што се борат. И на крај, ја нагласува важноста од поставување на превенцијата од самоубиства како приоритетна агенда за јавно здравје од страна на земјите, особено каде што пристапот до услуги за ментално здравје и достапноста на интервенции засновани на докази се веќе ниски. Надоврзувајќи се на оваа тема и ширење на оваа порака во текот на трите години, може да се замисли свет каде самоубиствата не се толку распространети, велат од СЗО. Од СЗО порачаа дека секој има важна улога во поддршката кон оние кои се соочуваат со самоубиствена криза, без разлика дали како дел од општеството, како родител, пријател, колега или како личност со доживеано искуство. Секој од нас може да поттикне разбирање за проблемот и да допре до луѓето кои се борат. - Се проценува дека околу 700.000 луѓе годишно си го одземаат животот ширум светот. За секое самоубиство, веројатно има уште 20 други луѓе кои прават обид за самоубиство, а многу повеќе имаат сериозни мисли за самоубиство. Милиони луѓе страдаат од интензивна тага или на друг начин се длабоко погодени од самоубиствено однесување, велат од СЗО. Како главен проблем се посочува стигмата, особено околу менталните нарушувања и самоубиството што доведува до тоа да оние кои размислуваат да си го одземат животот или се обиделе да се самоубијат не бараат помош и затоа не ја добиваат потребната помош. Спречувањето на самоубиството не е соодветно третирано поради недостиг на свест за самоубиството како главен јавно здравствен проблем и табу-тема во многу општества, што спречува отворени дискусии за тоа. Светскиот ден за превенција од самоубиства започнал да се одбележува во 2003 година од страна на Меѓународната асоцијација за превенција од самоубиства во соработка со Светската здравствена организација, со цел да се намали стигматизацијата и да се подигне свеста за овој важен општествен проблем. Улогата на медиумите – „Да превенираме, а не да информираме“ На Светскиот ден за превенција на самоубиства важно е да потсетиме и дека за самоубиство не се информира. Според истражувањата и ставот на експертите известувањето за самоубиствата влијае негативно врз луѓето кои се ранливи и во опасност. По неодамнешните случувања со неетичко известување од одредени медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија апелираше дека имајќи ја предвид сензитивноста на темата, во своите пишувања медиумите мора да се вклучат и во процесот на едукација на јавноста и превенција, а не да газат по линијата на сензационализмот. Доколку медиумите проценат дека се работи за јавен интерес, мора да ја проверат информацијата, но во никој случај не смеат да се повикуваат на неофицијални извори и да шпекулираат за можните причини. - Информацијата мора да биде не само сериозно проверена, туку така и обработена, со фокус на анализа на големата слика, а не на конкретниот случај и/или експликација на подробности, велат од Советот за етика. ки/ац/

Остани поврзан