• недела, 24 ноември 2024

„Современи бајки од Македонија“ - oтворен повик за дизајнери и илустратори

„Современи бајки од Македонија“ - oтворен повик за дизајнери и илустратори
Скопје, 29 јануари 2021 (МИА) - Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“ објавува отворен повик за дизајнери и илустратори, што ќе треба да работат на креативни илустрации за најновиот проект „Современи бајки од Македонија“. Конкурсот почнува од денеска, 29 јануари 2021, и ќе трае до 20 март 2021 година. Вкупниот фонд за награди изнесува 140.000 денари или 35.000 денари поединечно за секоја од четирите сликовници. Отворениот повик за илустратори следи по изборот на четирите победнички бајки: „Перуника“ од авторот Сибо, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова, што беа избрани во рамките на конкурсот за „Современи бајки од Македонија“, по што следи новиот отворен повик за изработка на илустрации за овие дела. Текстовите на бајките можат да се најдат на следниот линк: www.arslamina.com/bajki2021. Конкурсот за „Современи бајки од Македонија“ следи по големиот успех на претходните проекти „Бајки од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“ кои постигнаа голем успех, а дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот и дома и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. Инспирирани од ваквиот успех, „Браво Сине!“ и „Арс Ламина“ го започнаа и овој проект „Современи бајки од Македонија“ за да дадат можности на нови, млади автори за создавање на автентична модерна култура во пишаниот и во визуелниот медиум. Големиот број пристигнати бајки на конкурсот за „Современи бајки од Македонија“: 442 бајки од 316 автори, е јасна потврда за интересот за проекти од овој вид, каде автентичниот уметнички израз ќе добие своја форма. Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ и издавачката куќа „Арс Ламина“ се надеваат повторно на голем интерес од страна на младите дизајнери и илустратори. Сите заинтересирани кои сакаат својата креативност да ја изразат преку илустрации наменети за најмладите треба да ги испратат своите пријави најдоцна до 20 март 2021 година на е-адресата bravosine@arslamina.com. Пријавите ќе се сметаат примени по доделена шифра од страна на администратор. Пријавените кандидати анонимно учествуваат до првата селекција на пристигнати решенија, по што може да бидат повикани на лична презентација за планираниот пристап и работата кон целата едиција на бајки, секако, доколку решението биде наградено. Пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири-комисија составена од претставници на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ и надворешни членови (експерти од областа). мч/са/

Остани поврзан