• четврток, 26 декември 2024

Совет на амбасадори: Непристојна е заканата на Бугарија со евентуално блокирање на патот кон членството во ЕУ

Совет на амбасадори: Непристојна е заканата на Бугарија со евентуално блокирање на патот кон членството во ЕУ
Скопје, 1 ноември 2020 (МИА) - Советот на амбасадори соопшти дека ја смета за непристојна заканата на Бугарија со евентуално блокирање на патот кон членството во Европската унија ако Северна Македонија не признае дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени, како што бараат некои извори. Од Советот на амбасадори нагласуваат дека вистината за посебноста на македонскиот народ и македонската нација се наоѓа во светските архиви во кои се чуваат документи и факти кои се предмет на обработка од страна на историчарите и во никој случај не може да биде предмет на пазарење од било која страна. - Во последните денови на неприфатлив начин се доведуваат во прашање односот и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија со објаснувачкиот Меморандум упатен од бугарска страна до членките на ЕУ пред започнувањето на првата меѓувладина конференција во декември оваа година со која фактички ќе започнат и преговорите на нашата земја со ЕУ. Советот е зачуден зошто официјална Софија се определи за таков чин во предвечерјето кој очекуваме да започне со позитивни одлуки и оценки за нашиот напредок и спремност за старт на преговорите. Нашиот источен сосед на 31 октомври 2020 , официјално преку странски медиум излезе и постави услови кои се практично уцена до нас како суверена и независна држава , притоа наметнувајќи непристојни прашања во вид на трговија со македонскииот идентитет и јазик и со факти од историјата, потенцираат од Советот на амбасадори. Република Северна Македонија од 2017 година, нагласуваат од Советот, решително отвори нова страница во односите и соработката со потпишаните договори со Република Грција и Република Бугарија и искрено започна со имплементација на значајни точки во договорите како тоа и прилега на земја со проевропска ориемтација. Советот на амбасадори дава отворена поддршка на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев во истакнатите позиции дека со вакви услови и за вакви барања нема отстапки и компромиси. Советот во оваа прилика ја нагласува улогата на Европскиот Парламент, Европската комисија и со големо одобрување ги толкува и прифаќа досегашните позитивните информации дека патот за почеток на преговорите е отворен додека билатералните прашања и проблеми ќе треба да се решаваат како што е тоа предвидено со европското и меѓународното право и во духот на билатералната соработка, стои во соопштението. рп/

Остани поврзан