• петок, 27 декември 2024

Совет за македонски јазик: Да се прогласи „Културен комплекс Блаже Конески“

Совет за македонски јазик: Да се прогласи „Културен комплекс Блаже Конески“

Прилеп, 23 мај 2023 (МИА) - Советот за македонски јазик покрена иницијатива родната куќа на Блаже Конески во Небрегово и училницата во селското училиште каде учел прво одделение да се прогласат за „Културен комплекс Блаже Конески“. Ова е воедно и одлука од последната седница која Советот, симболично ја одржа во спомен-куќата во Небрегово.

Како што објаснува претседателот на Советот професор д-р Људмил Спасов, ова наиде на поддршка од прилепскиот завод и музеј и со тоа наследството на кодификаторот на современиот  македонски јазик, Блаже Конески, се подигнува на повисоко ниво, а со тоа и зголемувањето на интересот за изучувањето на македонскиот јазик.

-Го активираме самото место за студенти, ученици да доаѓаат на екскурзии, ја активираме училницата во училиштето каде Конески го има завршено првото одделение и предлагаме, со поддршка на прилепскиот Завод и музеј, овој комплекс да се нарече „Културен комплекс Блаже Конески“. Со тоа ќе се поткрене уште повеќе значењето на Конески и ќе биде повисоко рангирана државна институција во рамките на културата и на културната дејност. Наидовме на целосна поддршка и  очекуваме следниот чекор дека ќе придонесе, се разбира со дозвола на надлежните, и за обнова на црквата во Небрегово на која ѝ е посветена неговата песна „Црква“, вели Спасов.

Во собраниска процедура влезе Законот за употребата на македонскиот јазик и влезе со едногласна поддршка. Законот е приспособен на новото време и  мора да имаме стабилен, јасен свој стандарден јазик на кој се преведуваат и ќе се преведуваат документи со кои официјалните лица ќе настапуваат претставувајќи го македонскиот јазик. Ќе има задолжителни лектори во институциите и инспекторат.

-Во овој закон е ново што ќе има инспекторат кој ќе се грижи за употребата на стандардниот македонски јазик и вработување лектори во сите јавни установи, а и во приватните установи сите документи што ги пишуваат ќе мора да поминат лектура. Тоа ќе овозможи зголемување на интересот на младите луѓе, особено да добиваат стипендии за изучувањето на македонскиот јазик. Преку законот се обидовме да отвориме втор пазар за идните македонисти, а тоа е преку културата и преку примената на македонскиот стандарден јазик, објаснува Спасов.

За година и половина треба да излезе новиот Правописен речник што прецизно ќе објасне како се пишуваат, изговараат и акцентираат зборовите во македонскиот јазик.

-Советот за македонски јазик разговараше за новиот Правописен речник. Оние зборови што ги имаме во толковниот речник за како правилно да се пишуваат, акцентираат. Ќе издадеме нов правописен речник. Врз основа на актуелниот правопис и врз основа на актуелниот толковен речник на македонскиот јазик. Ние се надеваме дека ќе излезе за брзо, за година или година и половина, вели Елена Јованова Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик,

Од Институтот за македонски јазик порачуваат да се внимава во употребата на македонскиот јазик, да се избегнуваат повеќе туѓите зборови кои се наметнуваат.

-Ние мрзливо се однесуваме, наместо да побараме во народното творештво, во дијалектите, па и во разговорниот и стандардниот јазик. Се користат туѓи зборови и изрази, најчесто од англискиот јазик. Сите треба да се погрижеме да ги поттикнеме луѓето, да ги возобновиме старите зборови, да се видат богатството и можноста на јазикот. Доцниме со ова, но не смееме да одолговлекуваме уште, смета Јованова Грујовска.

На петти мај и во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово беше одбележан денот на македонскиот јазик. ем/мч/

фото: МИА

Остани поврзан