Советот на јавни обвинители на седница ќе одлучува за препораките на ДКСК за повлекување на членовите на УО на АСЈО
- Претседателката на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Душица Димитриевска, изјави дека не е донесена одлука за нејзино повлекување од функцијата член на Управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. За тоа, како што рече, ќе се одлучува на седница.
Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - Претседателката на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Душица Димитриевска, изјави дека не е донесена одлука за нејзино повлекување од функцијата член на Управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. За тоа, како што рече, ќе се одлучува на седница.
На новинарско прашање дали е донесена одлука за нејзино повлекување по препораката од ДКСК дека назначувањето на членови на УО на АСЈО од редот на СЈОРМ е спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО, таа одговори дека одлуката ќе биде донесена на седница.
- Одлука не е донесена со оглед дека одлуката на ДКСК е доставена на крајот од минатата недела. Таа треба да биде предмет на сите членови на Советот и на седница ќе донесеме одлука. Јас и уште еден член од Советот сме и актуелни членови на УО на АСЈО. Досега, доколку имало судир, ДКСК можела и морало да констатира, меѓутоа не констатирала. Не претставувало проблем нашето членување во управниот одбор. Одлуката е донесена од страна на советот согласно закон, каква одлука понатамошна ќе донесеме, ќе бидете известени, рече Димитриеска на денешната прес-конференција во Советот.
ДКСК изминатата недела порача Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).
Според нив, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО.
Оттаму истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.
- ДКСК согласно член 40 од деловник предлага да побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки за надминување на начин што пред отпочнување на мандатот членови на АСЈО, а најдоцна до истекот на мандатот на сегашните членови на АСЈО, ќе ги стават вон сила своите одлуки кои се спротивни на Закон за судир на интереси и Закон за АСЈО, порачаа од Комисијата на денешната седница. ар/ац/
Фото: Принтскрин