Советот на општина Куманово одвои два милиони денари за семејствата на загинатите и повредените од трагичниот настан во Кочани
- Советот на општина Куманово, на денешната вонредна седница донесе одлука да одвои два милиони денари за семејствата на загинатите и на повредените лица во пожарот во Кочани.

Куманово, 17 март 2025 (МИА) - Советот на општина Куманово, на денешната вонредна седница донесе одлука да одвои два милиони денари за семејствата на загинатите и на повредените лица во пожарот во Кочани.
Советниците со едноминутно молчење им одадоа почит на жртвите од трагедијата во Кочани.
Еден милион денари Куманово доделува на семејствата на загинатите и уште еден милион за семејствата на повредените.
Советниците едногласно ја донесоа одлуката. Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска која единствена се јави зa збор, изрази сочувство од име на кумановци до сограѓаните на Кочани, на семејствата на загинатите.
-Сочуство до семејствата. Многу млади луѓе пред кои допрва беше животот. Нашите молитви се за повредените, сместени во болниците во земјава и странство да нема веќе ниту една жртва. Луѓето кои се повредени побрзо да оздрават, рече Ѓорѓиевска.
Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во службен гласник на Општина Куманово. ам/сст/
Фото: МИА