• сабота, 23 ноември 2024

Советот на млади од Крива Паланка со иницијатива за разубавување на новиот скејт парк во градот

Советот на млади од Крива Паланка со иницијатива за разубавување на новиот скејт парк во градот
Крива Паланка, 3 август 2020 (МИА) - Новиот скејт парк во Крива Паланка е разубавен и исцртан со мурали на иницијатива на Советот на млади при општината, со што сите млади од градот добија уште една модерна и урбана локација за дружење и рекреација. - Оваа иницијатива потекнува од членовите на Советот на млади, со поддршка на локалната самоуправа, а ја уредивме и и дадовме нов урбан лик благодарение на соработката со четири млади уметници од Скопје. Станува збор за Андреј Митевски, Александар Наумовски, Љубиша Камењаров и Ѓорѓе Јовановиќ, кои му дадоа живост и уникатен белег на просторот, изјави Александар Величковски, претседател на Советот на млади на Општина Крива Паланка. На муралите се насликани скејтери, велосипедисти, млади спортисти. - Декоративни и инспиративни се насликаните мотиви, презентирајќи ги идеите за слободарскиот дух на младите, нивниот однос кон животот и природата, зашто тие се движечка сила на општеството. Воедно, Јовановиќ својот мурал го посвети на нашата актерска величина, кривопаланчанка по потекло, Милица Стојанова, додаде Величковски. Уредувањето на скејт паркот е дел од проектот на општина Крива Паланка „Подобра спортска инфраструктура, подобро здравје за сите“ со кој се уредени повеќе спортско-рекреативни содржини во градот. Проектот е финансиран од Амбасадата на Република Бугарија во земјава, а се реализира со средства во висина од 73 илјади евра. Со овој проект беше изградена атлетска патека на градскиот стадион во Крива Паланка, во завршна фаза е и уредувањето на мини голф теренот на спортскиот комплекс во општината. ид/мс/

Остани поврзан