Советот на министри на БиХ усвои два клучни нацрт-закони за евроинтеграциите
- Советот на министри на Босна и Херцеговина на денешната вонредна седница усвои два клучни нацрт-закони за патот кон евроинтеграциите, објави претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто на Икс
![Советот на министри на БиХ усвои два клучни нацрт-закони за евроинтеграциите](https://new.mia.mk/index.php/images/20241217195500_big_730x400_1.webp )
Сараево, 17 декември 2024 (МИА) – Советот на министри на Босна и Херцеговина на денешната вонредна седница усвои два клучни нацрт-закони за патот кон евроинтеграциите, објави претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто на Икс.
Усвоени се нацрт-законот за гранична контрола и Законот за заштита на личните податоци.
- Важен чекор кон зајакнување на безбедноста и усогласеноста со стандардите на ЕУ, напиша Кришто.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, усвојувањето на предлог-законите за гранична контрола и заштита на личните податоци од страна на Советот на министри, исто така го оцени како важен чекор кон ЕУ.
- Овие два закони се клучни за оцртување на преговарачката рамка и започнување на преговорите со ЕУ. Законите беа договорени на неодамнешните средби со лидерите во Бања Лука и во Мостар, а денеска договорот беше испочитуван и во Советот на министри. Многу е полесно да се биде популист, да се расправа секој ден, но тоа ништо не им носи на луѓето во БиХ. Потешко е да се разговара и да се преговара, но никогаш не сме го избрале полесниот пат. За нашата земја и нејзиниот народ, напиша Конаковиќ на Фејсбук. ми/
фото: МИА архива