• сабота, 23 ноември 2024

Советот на Европа изрази загриженост поради употребата на сила на протестите во Франција

Советот на Европа изрази загриженост поради употребата на сила на протестите во Франција

Стразбур, 24 март 2023 (МИА) - Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, денеска изрази загриженост поради „прекумерната употреба на сила“ против демонстрантите во Франција кои протестираат против пензиските реформи и ги повика властите да го почитуваат правото на протест.

„Се случија насилни инциденти, од кои некои беа насочени кон припадниците на безбедносните сили“, се вели во соопштението на комесарката

Сепак, спорадичните акти на насилство и прекршоци на некои демонстранти за време на протестите не можат да ја оправдаат прекумерната употреба на сила од страна на државните службеници, се додава во соопштението на Советот на Европа, чие седиште е во Стразбур, каде што исто така се одржаа протестите.

Комесарката додаде дека не може да се оправда ниту одземањето на правото на слобода на собир на луѓето и изрази загриженост за апсењето и приведувањето на одредени демонстранти и луѓе во близина на демонстрациите за дела кои „не оправдуваат прибегнување кон мерки кои се толку штетни во однос на правото на слобода и безбедност“.

„Насилството, од каде и да доаѓа, никогаш не може да се користи како средство за решавање на социјална или политичка криза“, рече таа, изразувајќи жалење што луѓе беа повредени и меѓу демонстрантите и безбедносните сили.

Според неа, насилството мора да престане бидејќи тоа е неопходен услов за ефективно остварување на слободата на изразување и собирање, како и за доверба меѓу населението и полицијата.

Во Франција, вчера, за време на протестите поради пензиската реформа беа повредени 441 припадник на полицијата и жандермеријата, а 457 лица беа приведени. ссм/

.

Остани поврзан