• четврток, 26 декември 2024

Советот за безбедност на ОН повторно без договор за Појасот Газа, нова седница в четврток

Советот за безбедност на ОН повторно без договор за Појасот Газа, нова седница в четврток

Њујорк, 7 ноември 2023 (МИА) - Советот за безбедност на Обединетите нации повторно не успеа да се договори за резолуција поврзана со решавањето на хуманитарната криза во Појасот Газа, предизвикана од актуелниот конфликт меѓу Израел и палестински Хамас, пренесуваат американските медиуми.

По повеќе од два часа разговори зад затворени врати, вчера, останаа разликите меѓу членките на Советот за безбедност.

САД повикаа на „хуманитарни паузи“, а многу членки на Советот за безбедност на ОН бараат „хуманитарен прекин на огнот“ за испорака на хуманитарна помош и спречување на повеќе цивилни жртви во Газа.

-Разговаравме за хуманитарни паузи и заинтересирани сме да работиме на формулацијата за тоа прашање. Но, во Советот има несогласувања дали тоа е прифатливо, изјави заменик американскиот амбасадор Роберт Вуд по средбата.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш претходно изјави дека сака итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и запирање на „спиралата на ескалација“ што веќе се развива од окупираниот Западен Брег, Либан и Сирија до Ирак и Јемен.

Кина, која во ноември претседава со Советот за безбедност, и Обединетите Арапски Емирати, арапскиот претставник во Советот, вчера одржаа состанок поради „хуманитарната криза“ во Газа, каде за помалку од еден месец се убиени повеќе од 10.000 цивили.

Амбасадорката на Обединетите Арапски Емирати и постојана претставничка во Обединетите нации, Лана Заки Нусеибе, изјави дека Советот за безбедност на Обединетите нации на 9 ноември повторно ќе одржи отворена седница што ќе биде посветена исклучиво за решавање на блискоисточниот конфликт, пренесе Тасс.

Таа додаде дека Кина има намера во текот на овој месец редовно да организира формални и неформални седници на Советот за безбедност на ОН за изнаоѓање решение за хуманитарната катастрофа во Појасот Газа. сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан