• сабота, 23 ноември 2024

Советот за безбедност на ОН бара од Израел да направи повеќе околу испораката на хуманитарна помош во Газа

Советот за безбедност на ОН бара од Израел да направи повеќе околу испораката на хуманитарна помош во Газа

Њујорк, 11 април 2024 (МИА) - Советот за безбедност на ОН денеска беше официјално информиран за ветувањето на Израел дека ќе отвори повеќе премини за испорака на хуманитарна помош во Газа, а во исто време го повика Израел да направи „повеќе“ против „непосредната“ закана од масовна глад.

Членовите на Советот за безбедност ја истакнаа својата „длабока загриженост за бројот на загинати во конфликтот, катастрофалната хуманитарна катастрофа и непосредната закана од глад“ и повикаа на „итно отстранување на сите пречки за испорака на поголем обем хуманитарна помош и бесплатна дистрибуција на таа помош“.

Во соопштението објавено денеска, тие ја евидентираа најавата на Израел за отворање на преминот Ерез и дозволата за користење на пристаништето Ашдод за помош за Газа, но посочија дека треба да се направи повеќе за да се достави потребната хуманитарна помош во однос на потребите во таа енклава.

Нагласија дека „неопходно е оваа одлука веднаш и целосно да се спроведе на траен начин“.

Израел минатата недела, по силното предупредување од Вашингтон, објави дека ќе го отвори преминот Ерез и ќе го користи јужното израелско пристаниште Ашдод, кое се наоѓа на 35 километри северно од Газа. Но тие мерки се уште не се спроведени.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вчера даде уверување дека се во фаза на подготовка.

Советот за безбедност, исто така, ја нагласи потребата од спроведување на целосна, транспарентна и исцрпна истрага за смртта на седумте работници на невладината организација World Central Kitchen, кои беа убиени во израелски напад на почетокот на април.

Членовите на Советот за безбедност, исто така, ја осудија смртта на најмалку 224 хуманитарни работници од почетокот на конфликтот во Газа, што е над три пати повеќе од бројот на хуманитарци убиени во кој било конфликт во текот на една година. Тие, исто така, го осудија секое насилство и непријателства против цивилите.

Војната избувна на 7 октомври кога командосите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел од Појасот Газа и убија 1.170 луѓе, според официјални израелски бројки. Како одговор, Израел вети дека ќе го уништи Хамас и започна офанзива на Појасот Газа, во која досега загинаа 33.545 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас. ссм/

фото: архива

Остани поврзан