• сабота, 23 ноември 2024

Собранискиот канал ќе емитува и содржина подготвена во телевизиското студио

Собранискиот канал ќе емитува и содржина подготвена во телевизиското студио

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) - Собранискиот канал наскоро ќе почне да емитува и програмска содржина подготвена во телевизиското студио кое се наоѓа во законодавиот дом. Досега на Собранискиот канал се пренесува во живо пленарните седници на Собранието и комисиски седници од салата „Борис Трајковски“.

За ова формално-правно се создадоа услови откако денеска членовите на Советот на Собранискиот канал едногласно ги усвоија Деловникот за работа, Годишната програма и план за видот и содржината на програмите за 2024, како и Финансискиот и инвестициски план.

-Граѓаните навремено точно и објективно ќе бидат информирани за законите, работата на претседателот на Собранието, генералниот секретар и пратениците, за средби со меѓународни и домашни претставници и со сите други надлежности, како што се носењето одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци, се наведува во соопштението од Собранието.

Со Советот претседава претседателот на Собранието Талат Џафери, кој потенцирал дека ова е значаен момент во развојот на капацитетите на законодавниот дом, кој ќе биде уште поблизу до граѓаните. Џафери рече дека со започнувањето на емитување на програмата на Собранискиот канал се реализира долгогодишната идеја на повеќе мандати на Собранието.

-Од овој Совет и од наредните кои ќе се формираат очекувам активно учество и создавање клима за конструктивна работа која ќе придонесе за напредок во процесот на отвореност и транспарентност. Целта на Собранискиот канал е да ја доближи работата на Собранието до граѓаните, односно да обезбеди програми од интерес за социјална кохезија, меѓуетнички соживот и културни разлики, како и пренос на дигитален ТВ сигнал до крајаните корисници - гледачите. Заложбата за функционален Собраниски канал збогатен со програмски содржини е резултат на заедничката посветеност со нашите пријатели и поддржувачи - Амбасадата на Швајцарската конфедерација и на Националниот демократски институт (НДИ) кон основните вредности – транспарентност, отчетност и граѓанско одлучување, истакнал Џафери.

Според генералната секретарка, Цветанка Иванова, сè што е направено од 2006 година до денеска во врска со реформата за Собранискиот канал, било со консензус и со знаење на сите претставници на политичките партии.

Според координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, реформата на Собранискиот канал е една од стратешките цели кои политичките претставници во Парламентот заедно ги реализирале.

Одговорниот уредник на Собранискиот сервис на МРТ, Виолета Димовска, посочила дека, секој нов почеток има предизвици, но дека истите тековно ќе се решаваат.

- Се надевам дека Собранието наскоро ќе го донесе и собранискиот календар со кој во голема мерка ќе се олесни и работата на Собранискиот канал. Така полесно би се вклопиле сите содржини, за гледачите да знаат во кој термин може да гледаат одредена емисија, порачала Димовска.

Со новата програмска шема, граѓаните покрај вести ќе гледаат и емисија „Собраниска ризница“,  со која ќе биде опфатен историјатот на содржините во собраниската зграда. Емисијата „Законодавен брифинг“ во која ќе бидат презентирани предлог-закони и донесените закони, а целта е јавнoста да биде изворно информирана за закони кои влегуваат во постапка.

„Интервју“ е информативна емисија во која ќе се реализираат интервјуа со раководството на Собранието и пратениците, како и на носители на функции избрани од Собранието.

Во пробниот шестмесечен период, согласно Изборниот законик, за време на избори, на Собранискиот канал, во соработка со МТВ, ќе биде емитувано и бесплатно политичко претставување на кандидатите.

Советот на Собранискиот канал, кој како тело е основан уште во 2006 година, брои 10 членови и исто толку заменици. Во него се застапени пратеници од владејачките и од опозициските партии.

Во Советот на Собранискиот канал членуваат: Фаница Николоска, Даниела Николова, Дарко Каевски, Санела Шкријељ, Арбер Адеми, Ремзи Мемеди, Никола Мицевски, Владо Мисајловски, Бојан Стојановски и Сафије Садики-Шаини. свс/ев/

Фото: Собрание

Остани поврзан