• сабота, 23 ноември 2024

Советниците од Ѓорче Петров изгласаа низа финансиски олеснувања за семејствата на бранителите

Советниците од Ѓорче Петров изгласаа низа финансиски олеснувања за семејствата на бранителите

Скопје, 15 септември 2023 ( МИА) -  Советот на Општина Ѓорче Петров денеска изгласа низа одлуки кои се однесуваат на бранителите од конфликтот од 2001 година, односно на финансиско олеснување на секојдневието на нивните семејства.

Како што информирааат од Општина Ѓорче Петров, со денешната одлука, припадниците на безбедносните сили на државата и членовите на нивните семејства, жителите на општината, кои се родители на деца, се ослободуваат од плаќање на месечните износи на цените на услугите што ги дава детската градинка „Росица“, како  и износите за надоместоци на трошоци за престојот. Исто така, ова  се однесува и за воннаставните активности утврдени со Годишната програма за работа на училиштето, кои се незадолжителни активности, како што се: посета на театарски и кино претстави, концерти, фестивали и други настани што се поврзани со воспитно-образовниот процес на учениците, како претплата за ученички списанија и за организирани екскурзии, летувања/зимувања.

-Советниците ја изгласаа и одлуката, припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, жители на општината, да бидат целосно ослободени и од обврската за плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште, за делот кој се уплаќа, велат од Општината. 

Општина Ѓорче Петров неодамна поведе и иницијатива до Град Скопје за преименување на неколку улици низ општината кои треба да ги носат имињата на македонските бранители од населбата кои ги загубија животите таа година. љм/ац/

Фото: Општина Ѓорче Петров

Остани поврзан