• петок, 27 декември 2024

Собрани 2,5 тони пластичен отпад по првиот ден од екоакцијата од Калиманско Езеро

Собрани 2,5 тони пластичен отпад по првиот ден од екоакцијата од Калиманско Езеро
Македонска Каменица, 16 јануари 2021 (MИА) - По првиот ден од акцијата за чистење на Калиманско Езеро собрани се 2,5 тони најразличен отпад од пластика. Организаторот на акцијата Александар Дончевски соопшти дека доброволни екипи од повеќе градови, остануваат на терен и денеска, очекувајќи да се собере уште отпад, кој потоа ќе биде транспортиран до регионалната депонија.
-По првиот ден имаме собрано 24 големи вреќи и стотици помали ќеси со најразличен отпад. Ако се има предвид дека една голема вреќа собира од 100 до 130 килограми, собраната вкупна маса изнесува од 2500 до 3000 килограми, рече Дончевски.
Акцијата, како што додаде, денеска продолжува со вклучување на работна сила и моторни чамци.
-Благодарност до сите кои и денеска дојдоа да помогнат на таканаречената локација „Препиш“. Се надевам дека грдата слика која се гледа од купиштата отпад ќе допре до одговорните лица задолжени за справување со отпадот, кои ќе преземат повеќе активности, како превентива за оваа еколошка катастрофа, додаде организаторот на акцијата.
Чистењето на Калиманско Езеро го поддржаа повеќе општествено-одговорни фирми од регионот, а се вклучија вработени од повеќе комунални претпријатија, ловни и риболовни друштва и невладини организации. вс/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан