• недела, 24 ноември 2024

Собрани над 160 тони мртви риби од крајбрежјето кај грчкиот град Волос

Собрани над 160 тони мртви риби од крајбрежјето кај грчкиот град Волос

Атина, 30 август 2024 (МИА) – За два дена, над 160 тони мртви риби биле отстранети од крајбрежјето кај грчкиот град Волос и со помош на чамците изнајмени од периферијата Тесалија, интензивно продолжува чистењето на плажите, додека обвинителката од Врховниот суд на Грција нареди спроведување итна истрага, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од периферијата, објавени од грчките медиуми, во акцијата на чистење на заливот кај Волос интервенираат четири брода и седум рибарски чамци.

За случајот со големиот број угинати риби, обвинителката на Врховниот суд на Грција Георгиа Аделини наредила спроведување на итна прелиминарна истрага со цел да се истражи, меѓу другото, дали и од која причина била отворена браната што води до тунелот, кој е единствениот излез за водите од целата рамнина во регионот на Лариса и езерото Карла до заливот Пагаситикос, каде и што се појавија мртвите риби.

Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека појавата на милиони мртви риби од езерото Карла, „според експертите, не претставува опасност за јавното здравје и не е нов“, а се должи на „илјадниците тони вода од Карла и околните места кои секојдневно преку потокот Ксирија се излеваат во заливот Пагаситикос и повлекуваат илјадници слатководни риби, кои штом ќе дојдат во контакт со морската вода, умираат“. ср/сд/

Фото: Периферија Тесалија

Остани поврзан