• недела, 24 ноември 2024

Собраниска делегација учествуваше во набљудувањето на парламенарните избори во Полска

Собраниска делегација учествуваше во набљудувањето на парламенарните избори во Полска

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) - Собранска делегација во состав Игор Јанушев, Моника Зајкова и Халил Снопче била дел од Мисијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ за набљудување на парламенарните избори во Полска, што се одржаа вчера.

Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на парламентарните избори во главниот град Варшава и во другите региони на Полска.

- Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработуваа со колегите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и со Парламентарното собрание на Советот на Европа. Меѓународната мисија за набљудување на изборите во Полска вклучува над 100 набљудувачи што е јасен сигнал за големиот интерес на меѓународната заедница за претстојните избори во Полска, соопштија денеска од собраниската прес-служба.

Претседателката на ПС на ОБСЕ, Пиа Каума (Финска) е назначена за специјален координатор на Мисијата, а Пере Џоан Понс од Шпанија е шеф на делегацијата на ПС на ОБСЕ. Парламентарното собрание на ОБСЕ, се посочува во соопштението, со оваа мисија првпат ги набљудува изборите во Полска. Овие избори се особено значајни заради неодамнешните промени во Полска во нејзината изборна правна рамка, како и високото поларизирано политичко опкружување.

- Двата тима на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија ги набљудуваа изборите во различни делови на главниот град Варшава каде што посетија по петнаесетина изборни места и поднесе писмени извештаи за своите согледувања, соопштија од Собранието.

На маргините на овој настан, делегацијата на Собранието остварила работна средба со Кирјакос Хаџијани (Кипар), потпретседател на ПС на ОБСЕ и специјален претставник за Југоисточна Европа, на која се разговарало за можностите на подобрување на соработката меѓу земјите на Југоисточна Европа.

Мисијата за набљудување на изборите, која е распоредена по добиената покана од Државната изборна комисија на Полска, проценува дали изборите се спроведуваат согласно демократските заложби содржани во Копенхагенскиот документ на ОБСЕ од 1990 година. Денеска, набљудувачите ќе ја презентираат прелиминарната изјава за процена на изборите на прес-конференција во Варшава, која ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org).

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. цр/бак/

Фото:Собрание на РСМ

Остани поврзан