• среда, 25 декември 2024

Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре

Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре

Скопје, 22 јуни 2024 (МИА) - Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре. Во попладнeвниот дел од собраниската дебата пратеникот Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ - За наша Македонија порача дека изборот на влада треба да биде свечен чин, а денес треба да се избере новата генерација која ќе се откаже од својата балосостојба за добросостојбата и спасот на државата.

Денес, рече ќе избереме луѓе на една нова политика и се заложи за пораст на политичката култура во Собранието за да дојде до рамниште кога, вели, ќе се нотираат забелешките и потоа ќе ѝ се даде поддршката и простор на владата за да го сработи она за што добила доверба.

Во однос на кадровската екипираност на владата, Карапејовски изрази надеж дека опозицијата ќе ја поддржи програмата на оваа влада на тој начин демонстрирајќи подготвеност да учествува во градењето на државата во наредниот период.

Владата, додаде тој, е сочинета од луѓе со силни биографии и со неоспорни етички и професионални капацитети, луѓе без каква и да е дамка во своето портфолио. ЗНАМ, нагласи, се залагаше во предизборната кампања и ќе инсистира распределбата на ресорите да биде по принципот вистинските луѓе на вистинските места.

-Давањето шанса на најдобрите е единствениот излез од актуелната состојба во која  шарената револуција се претвори во грст шарени лаги, кои ја уништија надежта и предизвикаа интелектуален и демографски помор, младите бегаат во очај барајќи функцонална држава и систем, а не племенски уредено општество, водено од неспособни, молчаливци желни за власт, или од криминални кланови, рече Карапејовски.

Тој подвлече дека Движењето ЗНАМ-За наша Македонија на политичката сцена во земјава нуди еден поинаков пристап во политиката, тоа е квалитетот на кадрите, транспарентни и конзистентни политики и решенија, но и доследна имплементација на сопствените политики.

-Досега докажавме дека за нас зборот е збор. Ние ја прифативме одговорноста за учество во владата во ресорите правда
и јавна администрација, во согласност со програмските приоритети од предизборната програма во сферата на правосудството, каде што промовираме нула толеранција за криминалот и корупцијата, обезбедување правна држава и сигурност на граѓаните преку стабилен политички систем во државата, нагласи Карапејовски.

Тој кажа дека е особено задоволен што поддршката за научни истражувања и изучување и популаризација на македонскиот јазик, како и заштитата на културното наследство зазема сериозно место во програмата на мандатарот. Како човек кој доаѓа од високото образование и науката, координаторот на пратеничката група на ЗНАМ ги поздрави програмските заложби на владата во овој сегмент и подвлече дека зголемувањето на издвојувањата за образованието, но особено, за науката, треба да бидат врвен стратегиски приоритет.

-Ние влегуваме со елан и желба да учествуваме во изградба на државата. Македонија ја доби својата шанса на овие избори, дури, според степенот на загриженост кај граѓаните и ниското ниво на оптимизам, можеби дури и својата последна шанса. Искрено се надевам дека ова ќе биде чесна, скромна и одговорна влада, која нема да функционира по принципот на сфери на влијание и одговорност, туку по принципот на поделба на одговорност во сите сфери на одлучување, а министрите ќе му одговараат на премиерот и на Собранието, а не на партиски моќници и чудни групации на интерес, кои досега ја држеа во своевидно заложништво претходната влада, кажа Карапејовски.

Имајќи ги предвид клучните програмски залагање на оваа влада, во кои се содржани главните начела на Движењето ЗНАМ, во името на пратеничката група, истакна дека ќе ја поддржат владата и дека искрено веруваат во остварувањето на сите програмски и стратегиски начела, како и проектните планови што ги изнесе мандатарот.

-Пред нас имаме исклучително квалитетен предлог, кој заслужува не само шанса за да се реализира туку и наше целосно залагање и помош во остварувањето, за општо добро, порача Карапејовски.

Пратеникот Садула Дураку од Европскиот фронт меѓу другото се осврна на изборот на Иван Стоиљковиќ за вицепремиер задолжен за односи со заедниците, наведувајќи дека албанските партии треба да недозволат како што вели, „човек на Русија и Србија да ги брани интересите на Албанците во Република Северна Македонија“. 

-Секој Албанец кој ќе го гласа овој човек на службата може да има јака причина, но тој на ниту еден начин нема да ги претставува Албанците, рече Дураку.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е и поранешен шеф на дипломатијата, меѓу другото истакна дека во делот на надворешната политика, треба да се продолжи со стратешкото партнерство со САД, и оти тоа е начинот преку кој земјава може да се избори за своите интереси на глобално нив.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска на седницата на собраниската Комисијата за европски прашања на која се разгледуваше Предлог-законот за јавно обвинителство презентира писмо,

-Министерот во МНР наследува голем неред во институцијата, естрадна дипломатка Бесмира Ејупи стана попопуларна од министерот Османи. Треба сериозен тим и луѓе кои ќе знаат на најсоодветен начин да ги пратат пораките до меѓународната јавност, и да се добиваат најдобрите и квалитетни информации од меѓународните центри, а тоа не може да се добие од Љубомир Фрчковски и Весел Мемеди, нагласи Милошоски.

Тој потенцираше дека ни претстојат тешки битки во меѓународната политика имајќи го предвид пристапот кои Грција и Бугарија го имаат кон државава.

-Ако забележите, во последниве неколку дена има координирани напади, едниот од внатре од СДСМ, а вториот од Мицотакис од Атина по однос на Преспанскиот договор и тоа да биде биполарноста поизразена, во Македонија нападите доаѓаат од оние кои го потпишаа овој Договор. Во однос на Бугарија преговарачката рамка дополнително и непотребно беше оптоварена со Вториот Протокол со кој Османи се согласи историјата да биде критериум и ова ќе биде предизвик со кој ќе треба да се бориме, изјави Милошоски.

Фатмир Битиќи од СДСМ упати забелешка дека декларативните ветувања на новата влада не се доволни за граѓаните да веруваат во нејзините намери. Граѓаните очекуваат конкретни мерки, јасни планови и рокови за релизација, а тоа, вели, за жал го нема во предлог-програмата.

Според него, во програмата нема конкретен одговор ниту за тоа што ќе се случува со платата на граѓаните и каква ќе биде нивната куповна моќ во 2028 година. Имам впечаток, како што рече, дека и самите сте скептични и несигурни во економскиот дел од програмата, дека немате кадровски потенцијал да создадете конкретен економски резултат кој денес ќе можете да го кажете пред граѓаните. 

-Немате ништо ниту за достоинството на работниците. Зошто сега молчите и за вашето противење на растот на минималната плата, рече Битиќи.

Како поранешен вицепремиер за економски прашања во претходната влада Битиќи кажа дека во програмата не се содржани платите и оти тоа укажува на недостиг на конкретни мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.  Пред нас, како што рече, немаме вистински четиригодишен план за иднината на нашата земја и нашите сограѓани и ги повика пратениците да размислат внимателно пред да одлучат дали ќе ја дадат или не поддршка на оваа влада.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска на денешната собраниска седница подвлече дека после осум години земјата ќе добие влада избрана од народот и дека времето на катастрофални политики погубни за земјата и сите граѓани заврши.

-Поради урнисан здравствен систем основното човеково правило здравјето беше загрозено бидејќи мораше да се има пријател за основни работи. Така поминавме корона пандемија без вакцини и клексани со најголема смртност со тешки скандали на онкологија, хематологија, а сега и на хируршките клиники, а ветувавте бесплатно здравство. Ниту една учебна година не започна на време за потоа учениците да останат без учебници и да учат од слики на Вибер и покрај неуспешната дигитализација, а скапо платена, за ова одговорност ќе има. Ветувавте економски раст од 5%, а одвај постигнавте 1,6%. Животниот стандард на граѓаните никогаш не бил полош, тоа го потврди и Светска банка, истакна Пешевска.

Таа потенцираше дека земјава тонела во криминал и корупција што било нотирано во извештаите на Европската Комисија, Стејт Департментот, Германската стопанска комора ..., а граѓаните не беа задоволни во кој правец се движи државата.

-Со изборот на оваа влада се става крај на едно недемократско криминално и режимско владеење во Македонија. Големата разлика во гласови и огромната поддршка од народот е голема одговорност и немање простор за грешка, ние тоа го знаеме и умееме, јас лично ќе дадам поддршка на оваа Влада затоа што верувам во промени, истакна Пешевска.

Лидерот на опозициската СДСМ и пратеник во македонското Собрание, Димитар Ковачевски во однос на програмата на владата посочи дека има неконзистентни делови и ставови. Во економијата која е најзначајна за едно општество, пак, според него, најавите се општи, без конкретни бројки за зголемување на просечната и минималната плата.

-Добро е што има продолжување на досегашните владини политики за поддршка на инвестициите и за македонските компании. За разлика од периодот до 2016 година кога од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа поддржувани само странски компании. Но има неконзистентност во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ да не се зголемува задолжувањето на државата. Сега кога заврши кризата несоодветно и неконзистентно е да се најавува зголемување за 8 отсто на националниот долг на Македонија. Со каматите некаде на крајот на тој период ќе дојде до 10 проценти зголемување на јавниот долг, што е неконзистентно во однос на јавното декларирање за незголемување на долгот, рече Ковачевски.    

Во делот на инфраструктурата, како што додаде, сите предложени елементи во програмата се продолжување на сите стратешки проекти на досегашната Влада предводена од СДСМ.

-Тука пред се мислам на Коридорот 8 и Коридорот 10Д коишто исто така од ВМРО-ДПМНЕ беа квалификувани како криминални проекти, изведувачите беа квалификувани како криминални организации. Дури како што ја читам програмата провејува дека ќе им бидат доверени и други проекти, додаде Ковачевски. 

Во однос на персоналниот состав на владата, Ковачевски посочи дека од сегашното владино мнозинство беа искажувани негативни лични квалификации за луѓе кои сега се предложени за министри, како што е примерот со Арбен Таравари.

-Укажав на тројца пратеници дека давање лични квалификации не е добро. Со оглед на тоа дека господинот Таравари беше најнапаѓан за политичка корупција. Им укажав дека неговата политичка траекторија имплицира дека еден ден ќе треба да гласаат за него. Сега доаѓа тој ден кога ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да гласа за Таравари за министер за здравство, рече Ковачевски.

Седницата на Собранието за избор на новата влада треба да продолжи утре, а гласањето ќе следи по завршување на претресот, односно најдоцна во 24:00 часот. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници. Парламетарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата влада во законодавниот дом брои 78 пратеници - 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ. вг/дма/

Фото: МИА архива/принтскрин/ВМРО-ДПМНЕ/СДСМ

 

Остани поврзан