• сабота, 28 декември 2024

Собраниската расправа за Националната стратегија за спречување на корупцијата продолжува утре

Собраниската расправа за Националната стратегија за спречување на корупцијата продолжува утре
Скопје, 13 април 2021 (МИА) - Собраниската расправа по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интерес 2021-2025 ќе продолжи утре. Попладнево, седницата беше прекината, а потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, најави дека ќе продолжи утре како што е договорено на координацијата со претставниците на пратеничките групи. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во текот на денешната расправа рекоа дека ќе го поддржат носењето на Стратегијата, бидејќи таа е важна за државата и од нејзините резултати ќе зависи и напредокот во евроинтеграциите, но изразија сомнеж во капацитетот на власта за нејзино спроведување. За пратениците од власта, ова е вистинска стратегија во вистинско време, а нејзината имплементација зависи од сите. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, пред пратениците, посочи дека петгодишната Национална стратегија што ја изработи ДКСК е прв документ од областа на борбата против корупцијата што се усвојува на највисоко ниво, и во него се детектирани 12 секторски приоритетни проблеми меѓу кои правосудството, медиумите, вработувањето во јавниот сектор, процесот на јавни набавки, спроведувањето на надлежностите во јавниот сектор… -Успешната антикорупциска политика е дел и од процесот на евроинтеграции, а стратегијата е темел за унапредување на законската рамка и преземање на реформски активности. ДКСК примени широк, инклузивен и транспарентен процес во подготовката и изработката на стратегијата со учество на претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор, медиуми, но и претставници од Делегацијата на Европската Унија, ОБСЕ, РАИ и ИРИ, рече Ивановска. Стратегијата, потенцира Ивановска, е заснована на реални процеси и цели кои треба да резултираат со континуирано намалување на корупцијата, а нејзината имплементација, како што рече, ќе испрати силна порака до македонското општество дека борбата против корупцијата конечно се остварува. Пратеникот Марко Костовски од СДСМ, порача дека ова е вистински закон во вистинско време и дека имплементацијата на Стратегијата зависи од сите подеднакво. Според пратеничката Соња Михаиловска од СДСМ, за првпат има оценки дека Антикорупциската комисија не е под закрила на власта. - Сега е време за ред, правда и дисциплина. Сега е време надлежните институции, судовите, обвинителствата да испорачаат правда за сите отворени предмети, особено за оние кои се однесуваат на висока корупција. Борбата против корупцијата мора да продолжи со засилено темпо на сите нивоа во државата, без разлика на партиската припадност. Нема недопирливи, секој ќе одговара за своите дела, изјави Михаиловска. Според пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, усвојувањето на Стратегијата е важно за сите, бидејќи таа е во согласност со претпристапните преговори и во зависност од резултатите кои ќе се испорачаат во тој дел, ќе зависи и напредокот на земјата на евроинтеграцискиот пат. аа/бак/

Остани поврзан