• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Интензивирање на соработката со Хрватска преку собраниските Групи за пријателство

Интензивирање на соработката со Хрватска преку собраниските Групи за пријателство

Скопје, 6 март 2025 (МИА) - Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска денеска оствари средба со претседателот на  Саборот на  Хрватска Гордан Јандроковиќ и со хрватската делегација, во придружба на хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ.

Како што информира собраниската прес-служба, претседателката на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска Благица Ласовска го нагласи искреното пријателство на нашата земја со Хрватска, без отворени прашања и добро партнерство во НАТО алијансата.

Таа ги запозна гостите со предизвиците на патот кон ЕУ, пат кој, како што се наведува, е трнлив, но по кој ќе продолжиме да одиме.

- Реформите и посветеноста кон Берлинскиот процес продолжуваат, како и градењето добрососедски односи со Бугарија, се вели во соопштението. 

Претседателот на хрватскиот Сабор изразил задоволство од посетата на нашата земја, од многубројните средби и обраќањето во македонскиот законодавен дом. Ја потврдил хрватската поддршка во сите области, особено за зачленување во Европската Унија во насока на добробит на граѓаните.

- Хрватите кои живеаат тука, се задоволни и лојални граѓани на нашата земја, а горди на своите корени, додека македонската заедница во Хрватска има статус на национално малцинство со истакната улога во општеството, се наведува во соопштението.

Присутните биле едногласни дека меѓународното право треба да остане над сè, а парламентарната соработка да се издигне на повисоко ниво преку Групите за пријателство.

- Простор за интензивирање на односите меѓу двете земји постои на полето на образованието, здравството, културата, спортот, бизнисот, економијата, трговијата, туризмот, стои во соопштението. мд/ев/

Фото: Собрание 

Остани поврзан