• недела, 24 ноември 2024

Собранието ќе ја продолжи 84. седница

Собранието ќе ја продолжи 84. седница
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) – Собранието денеска напладне ќе ја продолжи 84-та седница, на чиј дневен ред се поголем број измени и дополнувања на закони од повеќе области. Пред пратениците се измените и дополнувањата на Законот за градење и Предлог-законот за задолжување со заем кај Европската инвестициона банка по финансискиот договор за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините, двата по скратена постапка. Собранието треба да расправа и по Предлог-законот за изменување на Законот за спортска академија, Предлог-законот за установите за средно образование на верските заедници и Предлог-законот за дополнување на Законот за возила. На дневен ред се и повеќе предлог-ратификации. Пратениците вчера едногласно, со 75 гласа „за“, ја донесоа одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан. Со 62 гласа „за“, без  воздржани и без ниту еден глас против, Собранието ја донесе и Одлуката за објавување јавен оглас за именување на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. По барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера не беше разгледан и Дополнетиот предлог на закон за буџети затоа што во исто време имаше закажано седница на Комисијата за финасирање и буџет. мд/вг/

Остани поврзан