• четврток, 26 декември 2024

Собранието утре ќе ја продолжи расправата за предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија

Собранието утре ќе ја продолжи расправата за предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија
Скопје, 5 ноември 2020 (МИА) - Собранието и утре ќе расправа за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија на Уставниот суд. Денешната расправа беше прекината нешто пред 18 часот, а претседателот на Собранието го најави продолжението за утре во 12 часот. Во текот на попладневната расправа, опозицијата побара предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија да биде повлечен. Според опозицијата, таа не е стручна за оваа функција која, како што рекоа, ја добива како награда за послушноста кон власта. Не може, посочи опозицијата, судија кој суди спротивно на Уставот, да го брани Уставот. - Кацарска нема друго искуство, освен во основниот суд. Има колеги кои имаат богато искуство. Државата има квалитетни ресурси за вакви високи позиции, истакна Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница. Неговиот колега Александар Николоски не е изненаден од ваквиот предлог на Судскиот совет бидејќи, како што рече, уште пред неколку години се знаело дека еден ден предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија, ќе стигне во Собранието. Во текот на денешната расправа пратениците од партиите на власт, го бранеа ваквиот предлог забележувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ најмалку има право да говори за независно судство затоа што во време на нивното владеење, судството било донесено до најниското можно ниво. Кацарска треба да дојде на местото на судијата Владимир Стојановски, чиј мандат е истечен. Таа беше предложена за оваа позиција од страна на Судскиот совет на крајот на септември. бак/аа/  

Остани поврзан