• четврток, 19 декември 2024

Собранието треба да ја продолжи дебатата за разрешувањето на министрите од Алтернатива

Собранието треба да ја продолжи дебатата за разрешувањето на министрите од Алтернатива

Скопје, 14 февруари 2023 (МИА) - Во Собранието денеска на пладне треба да продолжи дебатата за реконструкцијата на Владата, со која во владината коалиција влегува Алијансата за Албанците, која има осум пратеници, а излегуваат Алтернатива и како што синоќа најави и Демократскиот сојуз.  

Пратениците во рамки на 104. седница треба да продолжат со расправата по точката за Предлогот за разрешување на тројцата министри од редовите на Алтернатива, Беким Сали за здравство, Адмирим Алити за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора. Претходно, на друга седница Собранието ги констатира оставките на министрите за правда и за животна средина и просторно планирање, Никола Тупанчевски и Насер Нуредини, како и на замениците министри за правда и за здравство, Агим Нухиу и Владимир Рендевски.

На дневен ред на 104. седница се и Предлогот за избор на членови на Владата, Предлогот за разрешување на заменици на министри и Предлогот за именување на заменици на министри. 

За нови министри, премиерот ги предложи Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, тројцата од редовите на Алијансата за Албанците, како и Каја Шукова од СДСМ за животна средина и просторно планирање.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера го образложи својот потег посочувајќи дека како држава ни треба стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, мнозинство кое ќе овозможи да се одблокираат важни закони за граѓаните без да мора да чекаат на опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се повредни од нивните дневно политички интереси.

- Денес зборуваме за обединување на европското прашање, каде ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и вечно против државните интереси. Денес ние знаеме дека имаме обединет европски фронт и јас сум уверен дека и најхрабрите нивни пратеници ќе имаат доблест да ја видат историската шанса пред која се ставени, рече тој.

Ковачевски потенцира дека ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа, а граѓаните сите без исклучок сакаат стабилност, европски квалитетна услуга и сакаат европски квалитет на живот.   

- Јас ветив дека ќе предводам на европскиот пат, а за вредна цел нема лесен пат. Патот е еден, изборот е одамна направен, нема време за губење и мора да се бројат само резултати. За мене, за нас, правецот е еден и нема гледање лево или десно. За назад не ни помислуваме и не ни помислувам, рече премиерот.  

За него, како што нагласи, оваа реконструкција на Владата не е мотивирана од имиња и презимиња и оти денешните одлуки не се мотивирани од теснопартиски интереси на ниту една партија во Владата, сегашните или идните.

 Тој посочи дека во изминатиот период разговарале и за останување на Алтернатива и за влез на Алијансата за Албанците (АА) во Владата и оти АА ја прифатила одговорноста за поддршка на европскиот фронт.

 - Место има за сите ако се сака и ако се прифатат надпартиските интереси. Место има и за Алтернатива како што тие самите знаат. Место има и за сите добронамерни поддржувачи на европската иднина на државата. Како што кажав и на почетокот, бројот и видот на позициите се второстепени, рече Ковачевски. 

Според него, реконструкцијата на Владата ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата. Но, она што е навистина важно е дека со ова парламентарно мнозинство, тие ќе стават точка на сите лаги и манипулации кои ги лиферуваше опозицијата за можни предвремени избори.

Во дебатата пратеничката Сафије Садики Шаини од Алтернатива, партија која излегува од владината коалиција, истакна дека тие на партиски состанок донеле став да дејствуваат како опозиција и оти тоа е завршена тема за нив.

Според неа, министрите и замениците министри од нивната партија не поднеле оставка од две причини - немаат ниту една одговорност и не сакаат да бидат причина и да му ја олеснат работата на еден човек кој, како што рече таа, не знае да се заблагодари, пред една година стана премиер со гласовите на Алтернатива. 

Според Садики Шаини, од СДСМ еднострано го прекршиле договорот што претходниот претседател на владејачката партија го потпишал со нив, обвинувајќи ги социјалдемократите за непочитување.

Пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи го говорот на премиерот Ковачевски рече дека тој бил без суштина и со многу флоскули, а влезот на еден и излегувањето на друг коалициски партнер го поистовети со „политичка корупција и проституција“. Праша како АА ќе се бори против ДУИ ако се во иста Влада и посочи дека со тоа изборите губат смисла. Николовски рече дека ваков претседател на АА, Арбен Таравари не познава и праша дали се работи за уцена и дали цената е една убава куќа во Тафталиџе, која тој ја добил на подарок.

Тој посочи дека Таравари победил во Гостивар благодарение на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и дека нелогично е што наместо во Гостивар каде е градоначалник, тој купува куќа во Скопје. 

Илми Азири од АА реплицирајќи му на Николовски рече дека Алијансата за Албанците и оваа Влада имаат свои сојузници во Брисел и во Вашингтон, а дека Таравари е име во својата бранша и може сите да ги предизвика. 

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ останале сами, нервозни, дека прво од нив си заминал градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, па скопската градоначалничка Данела Арсовска, па Алијансата за Албанците. Според него, 13.02.2023 година е нов пораз на Мицкоски, кој нема зголемено парламентарно мнозинство, ниту избори.

- Македонија, нашите граѓани немаат време за губење. Државата мора храбро и одлучно да оди напред. Денеска може да објавиме дека се прави добар исчекор, имаме поголемо парламентарно мнозинство за реформи, за економски политики за интеграција во ЕУ, рече Костовски.

СДСМ, како што нагласи, има зголемено парламентарно мнозинство, а по можеби 50-ти пат за овие три години, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ повторно лажат - нема предвремени избори и немаат мнозинство.

 - Но, мора да признаеме дека како партија имате една константа, кога се гласа за македонски јазик, идентитет, ве нема, празни столчиња, но полни бифеа и полни ходници, се гласа за Фронтекс ве нема. Вие не сте само против ЕУ, туку сте и против Македонија, рече Костовски.

По завршувањето на вчерашната собраниска расправа за владината реконструкција, лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов на прес-конференција соопшти дека партијата решила да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и повеќе да не е дел од парламентарното мнозинство,.

Врз основа на целокупната анализа на денешните седници на претседателството на Деморкатски сојуз и Централниот совет, партијата одлучи да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и нема да б

- Заклучивме дека нашите програмски цели дефинирани низ нашите партиски органи и тела кои беа усогласени со СДСМ пред изборите, не се имплементирани. Прво, имавме договор Македонија да биде една изборна единица, во оваа насока беше подготвен закон за Македонија да биде една изборна единица, помина на комисиите, но е блокиран бидејќи претседателот на Собранието Талат Џафери не ја закажува седницата на која треба да се расправа околу овие законски промени, потенцира Трајанов, додавајќи дека сепак ДС и натаму ќе ги поддржува и ќе иницира проекти кои значат имплементација на европските стандарди, бидејќи е цврсто определен за влез на земјата во Европската Унија.

Пред вчерашната седница пратеникот и координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми изјави дека има доволно мнозинство за усвојување на реконструкцијата на Владата.

-Секако дека има доволно мнозинство, дури и над она што е потребно за гласање на реконструкцијата на Владата. Тоа суштински значи забрзување на реформските процеси, особено забрзување на реформите во судството, правна држава, помоќни институции, пред се функционален Парламент. Нашата желба и нашата покана е за Алтернатива и за Беса и за сите други да се приклучат за создавање на заеднички европски фронт, рече Адеми.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на Алијансата за Албанците, Халил Снопче на прес-конференција пред седницата истакна дека е убеден оти се обезбедени потребните гласови за реконструкција на Владата.

- Ние имаме договор меѓу новите партнери на коалицијата. Ние сме убедени дека тие бројки се обезбедени. Не верувам дека некој би влегол во такви авантури без да се обезбедат тие бројки. Меѓутоа, тоа што ние како Алијанса за Албанците можеме да гарантираме е дека нашите осум гласа ќе бидат „за“. За тоа можеме со гаранција да тврдиме. Меѓутоа, немам сомнеж дека бројките се осигурани. Тука нема сомнеж, рече Снопче.

Пратеникот и координатор иа пратеничката група на Алијансата за Албанците, Халил Снопче на денешната прес-конференција истакна дека е убеден дека се обезбедни потребните гласови за реконструк

Според него, важно е оваа Влада да биде функционална и да се искористи 2023 година за евроинтеграцискиот процес. - Многу е важно оваа Влада да биде функционална. Ако Владата е функционална, значи може да има надеж. А, ако одиме на предвремени избори, може да се случи да ни се повтори историјата, како што ни се случи во 2008 година. Имаме разни влијанија во нашата држава. Загрижувачки се некои анкети во нашата држава. Најбитна работа е да ја искористиме 2023 година за нашиот евроинтеграциски тек што е единствена гаранција за нашата иднина. Во спротивно, сешто може да се случи, рече Снопче. 

Инаку, засега е неизвесно до кога ќе трае заседанието за реконструкција на Владата, од причина што според собранискиот Деловник, за разрешување на министри се предвидува седница за која времето за дискусија не е ограничено. 

Според член 221 од Деловник, Предлогот за разрешување на член на Владата, претседателот на Владата го поднесува во писмена форма до претседателот на Собранието и може да го образложи. По предлогот за разрешување на член на Владата, Собранието одлучува на првата наредна седница. 

- По предлогот за разрешување на член на Владата се отвора претрес. Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување може да се изјаснува по предлогот во траење од 15 минути, се посочува во членот 221 од собранискиот Деловник. ев/сп/

Остани поврзан