• сабота, 28 декември 2024

Собранието се уште го утврдува дневниот ред од новата 73. седница, прогласена едночасовна пауза

Собранието се уште го утврдува дневниот ред од новата 73. седница, прогласена едночасовна пауза
Скопје, 7 јуни 2022 (МИА) – Собранието попладнево продолжи со утврдување на дневниот ред од новата 73. седница, која ја започна денеска. Предлог дневниот ред содржи 12 точки, по кои треба да работат пратениците, меѓу кои, две предлог-одлуки за испраќање на војници во меѓународни операции, две ратификации, измени на Законот за платите на судиите, како и на членовите на Судскиот совет, измени на Законот за сигурност на железничкиот систем, како и измени на Законот за средното образование. Пратениците, главно од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предлагаа законски предлози како точки за дополнување на дневниот ред, за промена на распоредот на точките, односно за повлекување од дневниот ред на предложени законски решенија за 73. седница. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески процедурално - реагираше во врска со употребата на новиот систем во Собранието во однос на скратувањето на времетраењето на обраќање на пратеник-сопартиец на кој, како што посочи, согласно деловничките можности за предлагање точка на дневен ред му следувале три минути, а му беа ускратени две минути. -Сите сме тука исти. Системот е нов сите го учиме, но не сте вие тој што треба да го злоупотребува и да се крати времето за зборување на пратениците. Продолжувате да ги кршите деловничките одредби и да омаловажувате и се обидувате да ја затраете опозицијата. Ова е еден вид замолчување на опозицијата . Почитувајте го Деловникот, рече Мицески. На процедурална забелешка од заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска дека не се почитува членот 85 од Деловникот според кој спикерот треба да се грижи пратениците да не бидат прекинувани при говорот и дека се злоупотребува системот, претседателот на Собранието Џафери рече дека нема проблеми по однос на овој член, Деловникот го одредува времето за збор, а процесот на дигитализација на работата на Собранието е согласно планот за развој. -Не сакам на никого да му упаднам  во збор, технологијата го мери времето. Тој кој треба да го заврши мислењето пред него може да го види времето бидејќи нема можност да се излезе надвор од софтверот за да се направи преседан со користење на технологијата. Системот е нов не се снаоѓаме најдобро со технологијата, но имаме време, ќе продолжиме да работиме, рече Џафери. На барање на Стојановска прогласена е пауза од еден час. вг/лв/

Остани поврзан