Собранието ратификуваше конвенции, протоколи и договори
Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Собранието денеска на продолжение на 15. седница донесе повеќе закони за ратификација на конвенции, протоколи и договори од различни области.
Изгласани се законите за ратификација на изменувањата и дополнувањата на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, на Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со тутунски производи, на Договорот за соработка во заштита од катастрофи во Западен Балкан, на Деветтиот дополнителен протокол на Уставот на Светскиот поштенски сојуз (СПС), Десеттиот дополнителен протокол на Уставот на СПС и Единаесеттиот дополнителен протокол на Уставот на СПС.
Исто така и Договорот за статусот на припадниците на Армијата на Северна Македонија и Безбедносните сили на Република Косово за време на нивното привремено стационирање на териториите во двете држави, и Протоколот за изменување на Спогодбата од Маракеш за основање на Светската трговска организација за прифаќање на Спогодбата за субвенции во рибарството.
Претходно, Пармалентот работеше по дел од точките на 22. седница, на која беа донесени Законот за извршување на Буџетот за 2025 година, Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делниците Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), Законот за гаранција од државата на обврските по Финансискиот договор за финансирање на проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција - Северна Македонија, дел на Северна Македонија“, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициска банка и АД за енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје, во државна сопственост,....
Собранието го усвои и Законот за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, по скратена постапка, со кој се воспоставува нов начин на известување за финансиско управување и контрола и внатрешна ревизија, се основа Совет за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, како советодавно тело на министерот за финансии и се создава основа за донесување на подзаконските акти во рок од 18 месеци.
Изгласани беа и законите за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција, на Законот за јавна чистота, на Законот за комуналните дејности, на Законот за гробишта и погребални услуги, со усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Прифатени беа и предлозите за разрешување на членовите на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување Игор Ивановски, Сулејман Ахмети и Александра Кокаровска, како и членот на Регулаторната комисија за домување Ќемал Ќамили. лв/аа/
фото: принтскрин