• сабота, 28 декември 2024

Собранието на Србија ги усвои буџетот за 2025, опозицијата го бојкотираше гласањето, силно обезбедување и снајперисти на крововите

Собранието на Србија ги усвои буџетот за 2025, опозицијата го бојкотираше гласањето, силно обезбедување и снајперисти на крововите

Белград, 27 ноември 2024 (МИА) - Српскиот парламент денес го усвои предлог-буџетот за 2025 година. На гласањето присуствуваа само пратеници од власта, додека опозицијата ја бојкотираше работата на Собранието поради одбивањето на владејачката коалиција да го вклучи прашањето за одговорноста на Владата за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и инцидентите што ја одбележаа претходната седница во понеделник, јави дописникот на МИА од Белград.

Заедно со обвинувањата дека власта го исценирала конфликтот на претходната седница, претставниците на опозицијата најавија и дека ќе поднесат кривична пријава против претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, поради „сомнение за злоупотреба на службената положба“.

Почетоткот на денешната седница беше обележан и со присуство на силно собраниско обезбедување во самата сала на седницата и со снајперисти на кровот од собранието.

Претседателката на собранието, Ана Брнабиќ, коментирајќи ја одлуката на опозицијата да не учествува на денешната седница, рече дека ќе продолжи да работи напорно и ќе даде се од себе да го поттикне дијалогот и да го зачува достоинството на Собранието.

-Ќе ги повторам зборовите на Александар Вучиќ: Немате луѓе со кого да војувате. Тука нема да има граѓанска војна, рече Брнабиќ на прес-конференцијата во собранието, обвинувајќи ја опозицијата за инцидентите и физичките пресметки во понеделникот.

Таа посочи дека во собранието има големо обезбедување поради потребата за нејзина заштита, бидејќи во понеделникот била спречена да им се обрати на граѓаните, и го потврди присуството на снајперисти на покривот на собранието, поради безбедоносниот протокол за посетата на претседателот на Екваторијална Гвијена на собранието.

Од опозицијата на прес конференција се обрати претседателот на Националното движење на Србија и пратеник Мирослав Алексиќ кој изјави дека ќе поднесе кривична пријава против Ана Брнабиќ за злоупотреба на службената положба и дека ќе поведе постапки за поништување на сите одлуки што ќе бидат донесени денеска.

На новинарите им се обрати и Мариника Тепиќ, пратеничка и функционер на ССП, која изјави дека Брнабиќ претходната седница ја направила апсолутно незаконска.

-Лицето кое се претставува како претседател на Народното собрание, пред два дена на таканаречената седница, ја направи истата апсолутно незаконска. Се што се случува од самиот почеток е газење на Уставот, законот и Деловникот на Народното собрание, а само затоа што Ана Брнабиќ и пратениците на Српската напредна странка по налог на Александар Вучиќ, не сакаа да дозволат расправа за доверба на Владата, како единствен виновник за 15 жртви во Нови Сад, рече Тепиќ и додаде дека уставната категорија е гласање за недоверба на Владата.

Претседателот на Нова демократска партија на Србија (Нова ДСС) Милош Јовановиќ праша со кое право членовите на Министерството за внатрешни работи, односно обезбедувањето на српскиот Парламент, седат во пратеничките клупи на опозицијата за време на денешниот седница, во местата на пратеничката група Нов ДСС – Движење за обновување на Кралството Србија – Нада за Србија?“.

За време на прес конференцијата на опозицијата пратениците Драган Ѓилас и Здравко Понош развија плакат со ликот на претседателот Александар Вучиќ со крвави раце. об/

Остани поврзан