• среда, 18 декември 2024

Собранието и вечерва расправа за разрешувањето на Меџити

Собранието и вечерва расправа за разрешувањето на Меџити

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Собранието вечерва во рамки на 143. седница се уште расправа за разрешувањето на министерот за здравство Фатмир Меџити. Техничкиот премиер Талат Џафери предложи разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество Азир Алиу, откако тие го поддржаа лидерот на АА, кој рече дека ја поддржува албанската опозиција и дека со нив ќе оди на избори. 

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека секогаш кога ДУИ се соочени со пораз и кога знаат дека има опасност да заминат во опозиција, како што кажа, „си ги вадат нивните платени експоненти по другите политички партии“.

- Знаете што се случува во Собранието? За неколку часови не знаете дали пратеникот е опозиција или е власт. Во Собраниево имаме една опозициска партија и сите други зависно од денот. Тоа е сменско опозициско работење, предавање на штафета, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојановски покажа лист со, како што рече, вибер комуникација и пораки што се праќани на директори на Клиничкиот центар од Артан Груби. 

Халил Снопче од АА во однос на пораките што ги спомна Стојановски, рече дека тоа биле СМС пораки во кои им се наредува на директорите од ДУИ да не примаат наредби и препораки од министерот за здравство.

- Пишува дека набрзина ќе се смени и ќе дојде наш министер. Значи што е работава? Дали новите министри се од ДУИ? Од каде се? Дали и тие што не се предложени за разрешување се од ДУИ, праша Снопче. 

Пратеничката Лидија Тасевска од СДСМ во реплика од собранската седница рече дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да признае дека благодарение на СДСМ, државата е вратена на мапата на прогресивниот свет.

- Според последниот извештај на Глобалниот индекс за мир, институтот за економија и мир, нашата земја е рангирана на 38 место, пред нас од регионот се само Хрватска и Словенија. Заборавате дека во последниот извештај на „Фридом хаус“, нашата земја доби 68 поени. Од 2017 година натаму постојано го подобруваме рангот кај оваа многу важна институција. Во 2017 сме имале 57 поени, сега 68, рече Тасевска.

Најголем дел од пратениците кои дебатираат вечерва се од ВМРО-ДПМНЕ. Ги обвинија пратениците од СДСМ дека со поддршката и помагаат на ДУИ да остане уште некој ден на власт. ев/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан