• понеделник, 23 декември 2024

Собранието донесе девет закони по скратена постапка

Собранието донесе девет закони по скратена постапка

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) – Собранието во рамките на попладнивниот дел од работата по дневниот ред на 16-тата седница вечерва донесе девет законски решенија, по скратена постапка. Седницата на која има уште три неразгледани точки од дневниот ред продолжува утре во 13 часот.

Без расправа, едногласно со по 65 гласа „за“ беа донесени Законот за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за постапување по претставки и предлози, Законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција, и Законот за изменување на Законот за јавните претпријатија.

Едногласно и без расправа, но со 64 гласа „за“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба, исто така едногласно и без расправа, но со 68 гласа „за“ беше донесен Законот за изменување на Законот за виното.

Законот за именување и дополнување на Законот за заштита на конкуренцијата, едноглсно го поддржаа 69 пратеници.

Како што истакна Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ измените се однесуваат на целосна професионализација на Комисијата за заштита на конкуренцијата која досега имаше три професионално и две непрофесионално ангажирани лица. Сега сите членови ќе бидат професионално ангажирани, бидејќи Комисијата ќе треба да се грижи за имплементација и примена на Законот за нефер трговски практики.

-Комисијата ќе треба да ги коригира неправилностите забележани при имплементација на законот, посочи Милошоски.

Димитар Ковачевски од СДСМ рече дека овој закон е логично продолжување на законот изработен од претходната влада и додаде дека е потребно да се зголеми капацитетот на Комисијата која ќе треба да изрекува и прекршочни казни и да ја води постапката за нефер трговски практики.

-Тоа значи дека ќе има зголемен обем на работа и ќе има потреба од професионалци кои ќе треба да ги идентификуваат 26-те наведени нефер трговски практики предвидени во законското решение, рече Ковачевски.

Повика Собранието при изборот на членовите на Комисијата да води сметка за нивната стручност и при изработката на буџетот за 2025 година да се предвидат повеќе средства за Комисијата за да можат да вработат поброен стручен кадар.

Со 65 гласа „за“ и 6 „против“, како и 11 гласа „за“ и 1 „против“ од пратениците кои припаѓаат на малцинските заедници, Собранието го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. 

Претникот Милошоски појасни дека измените се однесуваат Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата - РСБСП кој, како што кажа, досега броеше 30 членови, а со измените ќе брои 19 членови.

-Тоа е сериозна рационализација на членовите кои се избрани од Собранието што ќе значи и заштеда на буџетски средства, рече Милошоски.

Митко Трајчулески од СДСМ, пак, порача дека единствена цел на новото законско решение е промената на персоналниот состав на РСБСП  што, како што рече, е мантра на владејачката коалиција која ги олеснува условите и врши масовна партизација.

-Со донесувањето на ваквите решенија се прави опасен преседан за функционирањето на институциите, рече Трајчулески и додаде дека не треба единствен интерес да биде кадровскиот состав, туку во конкретниот случај безбедноста на сообраќајот. вј/дма/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан