• вторник, 17 декември 2024

Собранието ги поддржа пакетот закони за образование, во прво читање

Собранието ги поддржа пакетот закони за образование, во прво читање

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Собранието попладнево во рамки на 24. седница ја заврши општата расправа  и го проследи во натамошна постапка Предлог-законот за средно образование, дел од пакетот закони од образованието, а со кој меѓу останото се предвидува интонирање на државната химна во сите државни училишта за време на значајни настани.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ја образложи потребата од носењето на овој Предлог-закон и посочи дека односот кон државата се гради од најмали нозе. Ако не ги почитуваме државните симболи и химна, рече Јаневска, државата нема да ја чувствуваме како своја. Вели државната химна може само да обединува и зближува, а не да поттикнува меѓуетнички поделби. 

Министерката ги посочи примерите на Соединетите американски држави и Швајцарија, каде во училиштата се интонира државната химна, по што реагираа од Европскиот фронт дека ваквиот закон само ќе ги поттикне меѓуетничките поделби, бидејќи во химната не биле опфатени останатите етнички заедници. 

Јаневска претходно денеска изрази очекување дека пратениците од ДУИ ќе го поддржат Предлог-законот за средно образование, за кој на комисиска расправа во Собранието искажаа забелешки во однос на интонирањето на државната химна во училиштата и најавија амандмани. Според неа, „крајно неразумно е да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години“. 

Со предложениот закон за средното образование, средното образование се дефинира како институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој овозможува образование за сите ученици во средното образование, вклучително и за деца/лица со странско државјанство или деца/лица без државјанство, формирање на инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост. Првпат се воведува кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование. Со новиот закон се воведува и нова концепција за испити на крајот на средното образование. 

Претходно законодавниот дом ја заврши општата расправа по Предлог-законот за образование на возрасните, Предлог-законот за стручно образование и обука, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование и ги проследи во второ читање. ра/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан