• среда, 25 декември 2024

Собранието ги избра 16. заменик-министри во Владата

Собранието ги избра 16. заменик-министри во Владата
Скопје, 10 февруари 2022 (МИА) – Со 63 гласа „за“, 35 „против“ и без воздржани, Собранието вечерва ги избра 16. заменик-министри во Владата, предложени од премиерот Димитар Ковачевски. За заменик-министер за одбрана е избран Башким Хасани, за заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши, за правда Агим Нухиу, а за надворешни работи Фатмире Исаки. Во Министерството за финансии за заменик-министер е изгласан Филип Николоски, во Министерството за економија Зоран Маневски, а во Министерството за земјоделство Абдулшуќур Абедини. За заменик на министерот за здравство е изгласан Владимир Рендевски, во Министерството за образование и наука за заменик е избран Лулзим Алиу, додека во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин. За заменик-министер за локална самоуправа е избран Зоран Димитровски, за култура Даим Лучи, за информатичко општество Александар Бајдевски, за транспорт и врски Беким Реџепи и за животна средина Христина Оџакиевска. Во Министерството за политички систем за заменик-министер е избран Џабир Доко. Премиерот во завршното обраќањето пред пратениците, изјави дека најважно е да работат искрено, посветено, стручно и ефикасно. -Таква матрица, таква методологија, таква работна сфера, таква контрола и одговорност побарав и нема да отстапам за сите врвни владини позиции, како и за министрите така и за заменик-министрите. Како што најавив имаме план, со рокови, обврски, носители на задачи и начин за мерење на ефектите врз животот на граѓаните. Нашиот пристап е јасен, искрен и мерлив. Сите работи - минати, сегашни и идни јасно ги соопштувам на јавноста и зад нив стојам, бидејќи личниот образ, одговорноста и системот на вредности за мене се врвни критериуми и така барам да се однесуваат и останатите, додаде Ковачевски Опозицијата пак, обвини дека е непрофесионален начинот на кој се предложени заменик-министрите, дел од нив немаат соодветно образование и познавање за назначената функција и оти голем дел од нив се од составот на претходната Влада, предводена од Зоран Заев. Оваа функција, според ВМРО-ДПМНЕ е непотребна и треба да се укине. Тие повторно побараа предвремени парламентарни избори, поради лошото менаџирање со кризата предизвикана од пандемијата. По изборот на заменик-министрите, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина работата по 62. седница, а продолжението, како што рече, дополнително ќе биде закажано. ки/дма/      

Остани поврзан