• недела, 24 ноември 2024

Собранието ги избра замениците министри во Владата

Собранието ги избра замениците министри во Владата

Скопје, 23 јули 2024 (МИА) – Со 76 гласа „за“, 16 „против“ и без воздржани, вечерва во Собранието, во рамки на 11 седница, се избрани замениците министри во Владата, кои по изборот ќе дадат свечена изјава. 

За заменик-министер за одбрана е избрана Елфет Исмаили, дипломиран економист. Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО во Брисел. 

За заменик-министер за внатрешни работи е избран Астрит Исеини кој завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на науки по кинезиологија. Вонреден професор е на Тетовски универзитет и на Факултет за биотехнички науки во Битола.

За заменик-министер за правда е избран Ален Деребан, магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит. Од 2014 година има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.

За заменик-министер за односи со заедници е избран Неждeт Мустафа, дипломиран професор по филозофија. Од 1996 до 2002 година бил градоначалник на  Шуто Оризари. Потоа бил пратеник, а од 2006 до 2017 министер без ресор – национален координатор на Декадата и стратегија за Ромите.

За заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија е избран Зоран Димитровски,  магистер на политички науки со долгогодишно работно искуство во медиумите, како главен и одговорен уредник. Димитриевски од 2020 до 2023 година бил избран за заменик-министер за локална самоуправа.

За заменик-министер за европски прашања е избрана Викторија Трајков која дипломирала на Универзитет „Св. Климент Охридски“- Битола, и е доктор на економски науки. Од 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи, а од 2019 година е избрана за доцент на Универзитет Скопје.

За заменик-министер за финансии е избран Николче Јанкуловски -  доктор на економски  науки, во моментот редовен професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Има издадено повеќе домашни и меѓународни публикации.

За заменик-министер за економија и труд е избран Марјан Ристески -  дипломиран економист, од 2005 до 2017 година бил градоначалник на Општина Прилеп. Добитник е на неколку меѓународни и домашни признанија.

За заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини е избран Мирослав Лабудовиќ,  магистер по електротехника и информациски технологии. Од 2022 година е менаџер на инженеринг во корпорацијата Теламон.

За заменик-министер  за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Флакрон Беџети,  професор по политички науки на Универзитет „Мајка Тереза“ Скопје. Има долгогодишно работно искуство во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Бил државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, а во моментов е раководител на одделение за претставки и предлози, Правен сектор.

За заменик-министер за здравство е избран Јовица Андовски, дипломиран економист, од 2011 до 2017 година бил заменик-министер за здравство. Бил в.д. директор на Секретаријатот на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и национален координатор на SEEHN.

За заменик-министер за образование и наука е избран Лулзим Алиу, доктор на филолошки науки. Тој е редовен професор по предметот Методика на наставата по албански јазик, Литература за деца на Педагошки факултет „Свети Климент Охридски” Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Од 2023 до 2024 година бил продекан.

За заменик-министер за социјална политика, демографија и млади е избран Ѓоко Велковски, дипломиран економист со долгогодишно работно искуство во Министерството за труд и социјална политика, бил секретар на Град Скопје, а во последната техничка Влада беше технички министер за труд и социјална политика. Од 2013 до 2024 година бил советник во Советот на Општина Чаир.

За заменик-министер за локална самоуправа е избран Ерџан Селими, магистер по политички науки. Од 2009 до 2014 година бил советник во кабинетот на министерот без ресор. Од 2014 до 2024 година бил државен службеник во Генералниот секретаријат на Владата, а од 2017 до 2024 година  советник во Советот на Град Скопје.

За заменик-министер за култура и туризам е избран Седат Сулејмани кој заврпил Педагошка теологија на  Универзитет Улудаг – Бурса во Турција. Бил заменик-министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно-административна поддршка на општинскиот инспекторат.

За заменик-министер за дигитална трансформација е избран Радослав Настасијевиќ Варџиски,  магистер на економски науки  – отсек маркетинг менаџмент, а од 2019 до денес работи во Општина Куманово.

За заменик-министер за јавна администрација е избран Лазе Јаќимоски, вонреден професор на Правен факултет – Кичево при Универзитет Св. „Климент Охридски“ Битола. Има издадено повеќе домашни публикации.

За заменик-министер за транспорт е избрана Калтрина Зеколи Шаќири која е доктор на науки. Од 2016 до 2023 година е професор на Универзитетот „Мајка Тереза“, Факултет за социјални науки, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д. декан.

За заменик-министер за животна средина и просторно планирање е избрана Ане Лашкоска, која дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје и стекнала титулата инженер по хемија. Лашковска повеќе  години беше пратеник во Собранието.

За заменик-министер за спорт е избрана Сафије Садики Шаини - инженер по информатика на Природно-математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде што од 2012 до 2019 била вонреден асистент по информатика. Таа била пратеничка во парламентарниот состав 2020 до 2024 година. Од 2020 година е асистентка по информатика на Универзитетот „Мајка Тереза“. хс/дма/

Фото: принтскрин

 

 

Остани поврзан