• вторник, 24 декември 2024

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на законите за ДДВ и за акцизи

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на законите за ДДВ и за акцизи
Скопје, 12 март 2022(МИА) - Со 95 гласа „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието доцна вечерва ги усвои Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, а со 96 гласа „за“ и исто така без ниту еден “против“ и „воздржан“ и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите, и двата по скратена постапка. Министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи ги двата предлог закони, рече дека тие се дел од пакетот 26 кризни мерки на Владата, кои треба да му помогнат на стопанството во државата, која е погодена од енергетската криза и ценовниот шок на глобалните пазари. - Актуелната ситуација во домашната економија, погодена главно од цените на основните производи, од категоријата на прехранбени производи, се преземаат мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните од повисоките цени, особено најранливите категории од социјален аспект и домашната економија. Со цел да се надмине оваа ситуација, потребно е да се интервенира. Пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за економска заштита на граѓаните и компаниите, рече министерот Бесими. Тој посочи дека со мерките се предвидуваат субвенции, односно ваучери за најранливите категории на граѓани од по 1.000 денари за 3 месеци и ќе служат за основни производи за исхрана, а ќе може да ги користат над 35.000 граѓани. - Пакетот на мерки ги опфаќа прехранбените производи, електричната енергија и горивата. Се намалува повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5 отсто на 0 проценти, од април до јуни. Се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергентите, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан и ќе важи до мај оваа година, со намалувањето се заштитува животниот стандард на граѓаните, а од друга страна се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите, рече Бесими. Министерот истакна дека се намалува акцизата врз основа на берзанските цени. Тој посочи дека мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергенсите на светските берзи и со тоа заштита на куповната моќ на потрошувачите. Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на енергенсите. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов во својот говор рече дека двата предлог-закони, и тоа подобри, предложени од нивната пратеничка група ќе биле донесени пред 12 дена. - Ние денеска имаме двајца владини претставници и од СДСМ и од ДУИ, како што доликува, но неодговорноста на крајот ја плаќаат граѓаните, бидејќи 12 дена во Собранието стојат овие и подобри закони, рече Пренџов. Тој истакна дека граѓаните 12 дена плаќаат високи цени за бензин и дизел, а парите наместо кај граѓаните одат во Владата, одат во ДДВ преку акцизи. - Во Македонија буџетот е банкрот и имате 13 милијарди дефицит за 60 дена, рече Пренџов. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски во реплика до Пренџов рече дека цените на горивата драматично расте и во регионот, како во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, но растат и во Холандија, во Германија и Шпанија и оти тоа го знаат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. - Факт е дека ги замрзнуваме маржите, дека ги субвенционираме фирмите преку олеснувања и бескаматни кредити, дека воведуваме автономна мерка за царински давачки. Факт е дека имаме 26 мерки вредни 400 милиони евра и сите беа јавно објавени и сите ќе бидат реализирани, порача Митрески. Пратеникот Панчо Минов рече дека пратениците се исправени пред многу значајна и многу одговорна улога за закони коишто се во директен непосреден интерес на граѓаните и правните лица. - Го истакнувам делот на оние мерки коишто се наменети за ранливите категории на граѓани каде што имаме опфат од 60.000 граѓани или домаќинства. Тоа се примателите на гарантирана парична помош и тоа се пензионерите со ниски примања. Друга значајна областа, тоа е делот на цените на енергенсите. Со овој закон ДДВ-то од 18 проценти се намалува на 10 проценти, рече Минов. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реплицирајќи му на Пренџов рече дека не треба да се заборави дека мерките се поради лошата економска состојба во државата. - Овие 26 кризни мерки се за да преживеат повеќе од 80-90 проценти од граѓаните во нашата држава. Овој сет од 26 мерки е изнуден сет од мерки, пред сè задоцнета реакција, со сложени операции внатре чии резултати ќе ги гледаме дополнително, меѓутоа многу покасно од тоа што им треба помош на граѓаните сега и веднаш, рече Мицевски. Пратеникот на СДСМ Диме Велковски, во рамките на собраниската расправа посветена на законските решенија за намалување на ДДВ и за акцизите истакна дека најновиот финансиски пакет мерки на Владата содржи издржани антикризни мерки за стопанството и за сите граѓани во непосредна висина од 400 милиони евра, која посредно се искачува на над половина милијарда евра. ир/сп/

Остани поврзан