• четврток, 19 декември 2024

Собранието ги донесе законите за нефер трговски практики и за управување со конфискуван имот

Собранието ги донесе законите за нефер трговски практики и за управување со конфискуван имот

Скојпје, 13 март 2024 (МИА) - Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната 148. седница го донесе Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.

По утврдувањето на дневниот ред и негово дополнување со предлог законите за изменување и дополнување на законите за медиуми и за научно-истражувачката дејност, по скратена постапка, пратениците го донесоа и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Целта на ова законско решение е брза и ефикасна постапка во која конфискуваниот имот со правосилна судска одлука успешно ќе се продаде и ќе се овозможи враќање на криминално стекнатите средства и имот.

Собранието ги донесе и законите за Канцеларија за поврат на имот, за правда за децата, за финансиски инструменти, за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, како и предлогот на автентично толкување на членот 70 став (3) од Законот за градежно земјиште. 

Претседателот на Собранието Јован Митрески ја прекина 148. седница, за чие продолжение ќе има дополнително известување, а Собранието продолжи да расправа по продолжението од 140. седница. сс/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан