• недела, 24 ноември 2024

Соботка: Интеграцијата на Албанија константен приоритет на Австрија

Соботка: Интеграцијата на Албанија константен приоритет на Австрија
Тирана, 6 март 2020(МИА) - Интеграцијата на Албанија и Западен Балкан е еден од шесте приоритети на Австрија, изјави денеска претседателот на Националниот совет на Парламентот на Австрија, Волфганг Соботка, по средбата, во Тирана, со претседателот на албанскиот Парламент, Грамоз Ручи. - Ја поддржуваме интеграцијата на шесте земји од Југоисточна Европа затоа што сметаме дека оваа област е дел од Европа. Интеграцијата на регионот во ЕУ ќе придонесе Европа да стане зона на мир, просперитет и безбедност, додаде тој. Соботка изрази уверување дека скептицизмот на земјите-членки пополека ќе се стиши и Европскиот совет ќе одлучи да ги започне преговорите со Албанија на следната средба. - Нам ни се јасни достигнувањата на реформите во Албанија, кои не се цел сами по себе, туку им служат на албанските граѓани. Нашите одлични односи, исто така, произлегуваат од силното и традиционалното пријателство и целосното разбирање меѓу нашите народи. Имаме одлична соработка со албанскиот Парламент, која ќе се зајакне по денешното потпишување на договорот, што ќе ги доближи младите и граѓаните до парламентарната активност и демократскиот систем во Албанија. Демократијата не е подарок, туку голема цел постигната преку напорна работа, посветеност и учество на изборите и демократскиот систем, истакна Соботка. Од своја страна, Ручи ги пофали одличните односи меѓу Албанија и Австрија, како и тесната соработка помеѓу парламентите на двете земји. - Благодарни сме на Австрија, еден од 4-те стратешки партнери во Албанија, како еден од најсилните гласови за поддршка на европската интеграција на нашата земја. Албанија ја поддржува новата методологија за проширување, како прв чекор на стратегијата, која заедно со започнувањето на пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија ќе ни помогне нам и на ЕУ да ја обноват довербата, додаде тој. Соботка вчера престојуваше во Северна Македонија каде искажа безрезервна австриска поддршка за европската перспектива на земјава. вт/ми/

Остани поврзан