• вторник, 24 декември 2024

Собир на МПЦ-ОА против законите за родова еднаквост и за матична евиденција (во живо)

Собир на МПЦ-ОА против законите за родова еднаквост и за матична евиденција (во живо)

Скопје, 29 јуни 2023 (МИА) - Пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје вечерва се одржува сенароден собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција, во организација на Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). 

Собирот е во знак на протест поради, како што велат, односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост, бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството. 

Како што информираат од МПЦ-ОА за МИА, целта е афирмација на христијанските и православни идеи за семејството, бракот, жената и децата. 

Собирот беше отворен со изведба на неколку тропари, а претходно во 16.30 часот се одржаа вечерна богослужба и молебен. 

Најавени се обраќања на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и академик Катица Ќулавкова. 

На собирот присуствуваат претставници на католичката и евангелско-протестантската црква, меѓу кои и скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов. 

Во пресрет на собирот МПЦ-ОА денеска апелираше граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации. 

- Ние изразуваме протест единствено против содржината на законите за матична евиденција и родова еднаквост, не протестираме против никој друг,  истакна викарниот епископ Јаков Стобиски во видеообраќање во кое им порачува на граѓаните не само да застанат во одбрана на верата, во одбрана на слободата на говор и мислење, туку и да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации. 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, во изјава за медиумите посочи дека Законот за родова еднаквост не е исто што и Законот за матична евиденција.

- Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на трансродово лице да може да ја смени ознаката во матичниот број онаму каде што се обележува родот, а Законот за родова еднаквост се фокусира на унапредување на положбата на жените во општество. Не губиме ништо од она што во моментот го имаме како право, изјави Тренчевска.

Според министерката, Законот за родова еднаквост ја унапредува положбата на жените во сите сфери на општественото живеење и што треба да направи државата за да ја унапреди положбата на жените во општеството. Со Законот, како што рече, ниту се третира менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови.

-Направивме 18 јавни дебати во однос на Предлог законот за родова еднаквост. Законот се уште е во консултативен процес, не е ниту во собраниска, ниту во владина процедура. Продолжува широкиот консултативен процес, за да ги слушнеме сите заинтерсирани чинители и да дојдеме до решение кое ќе одговара на целото општество, изјави Тренчевска по денешниот брифинг со новинарите.

Според неа, проблемот настанал со спојувањето на овие два закони. Станува збор за два различни закони кои, како што рече, третираат различна проблематика.

-За Законот за измени и дополнување на Законот за матична евиденција, Владата во март 2022 година на седница донесе одлука да се повлече од собраниска процедура, за да се прошири консултативниот процес и да се изнајде решение кое ќе одговара на сите засегнати чинители во општеството, рече Тренчевска. мд/лв/

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан