• сабота, 23 ноември 2024

Снимки од кометата што се гледа еднаш во 80 илјадалетија

Снимки од кометата што се гледа еднаш во 80 илјадалетија

Загреб, 22 октомври 2024 (МИА) - Небото над Хрватска синоќа понуди ретка и прекрасна глетка... А, сѐ тоа фотографите го овековечија со низа снимки, пренесува „Индекс“.

Кометата, наречена Цучиншан-Атлас или „Ц/2023 А-3“, минува низ внатрешниот дел на Сончевиот Систем и ова е едно од најблиските и најсветлите појавувања на комети последниве години. Овој настан, се наведува, нема да се повтори следните 80.000 години.

Астрономите ја открија кометата во 2023 година, преку две независни набљудувања - во Кина (во Опсерваторијата „Цучиншан“), и во рамките на американскиот проект „АТЛАС“ (Систем за последен аларм со копнено влијание на астероиди). Нејзината орбита ја рангира меѓу кометите со долг период на револуција, што значи дека се потребни илјадници години за да направи еден круг околу Сонцето.

Ја нарекуваат најспектакуларната комета на десетлетието. Според сегашните проценки на астрономите, револуцијата на кометата Цучиншан-Атлас е околу 80.000 години. Тоа значи - откако ќе мине низ внатрешноста на Сончевиот Систем оваа 2024 година, Земјаните ќе може повторно да ја видат после 80 илјадалетија.

Тоа укажува и на ретка прилика и можност и за научно истражување и набљудување.

Кометата би можела да придонесе за проучување и нови сознанија за Кајперовиот Појас и Ортовиот Облак, коишто се наоѓаат на периферијата на Сончевиот Систем. Проучувањето на комети со толку долги орбитални периоди е од клучно значење за разбирање на најдалечните делови од нашиот планетарен систем. си/мс/

Фото: „Индекс“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан