• среда, 13 ноември 2024

Снимено претпродолжение на култниот хорор-филм „Бебето на Розмари“

Снимено претпродолжение на култниот хорор-филм „Бебето на Розмари“

Лос Анџелес, 28 јуни 2023 (МИА) - Филмското студио „Парамаунт“ го сними филмот „Станот 7А“ (Apartment 7A), претпродолжение на култниот хорор-филм на Роман Полански - „Бебето на Розмари“ (Rosemary's Baby) од 1968 година. Според западните медиуми, филмот е веќе готов, а претпремиерата на филмот била успешна, со пофалби кон глумиците Џулија Гарнер и Дајан Вист.

Новата приказна временски ѝ претходи на оригиналната сага. Гарнер глуми млада танчерка која е изнајмена од постар пар во станот 7А. И, сѐ се случува пред таму да се всели Розмари Вудхаус - главниот лик од првиот филм.

Во новиот филм глумат и Џим Старџис, Марли Сју, Рози Мекјуен, а ќе се појават и некои од ликовите од оригиналниот филм... Ејми Лисон ќе ја толкува Розмари која во првиот дел ја играше Мија Фароу, а Кевин Мекнали ќе го глуми Роман Каставет, лик првично одигран од Сидни Блекмер.

Филмот е во режија на Натали Ерика Џејмс, која го напиша и сценариото, заедно со Кристијан Вајт и Скајлар Џејмс. Датумот на прикажување сѐ уште не е познат, но според ИМДБ, филмот треба да излезе оваа година.  си/

Фото: ЕПА.

Остани поврзан