• сабота, 28 декември 2024

СМО: Драстично намален морскиот мраз на Антарктикот

СМО: Драстично намален морскиот мраз на Антарктикот

Женева, 10 јули 2023 (МИА) - Нивото на морскиот мраз на Антарктикот минатиот месец беше на рекордно ниско ниво, објави Светската метеоролошка организација (СМО), што експертите за климатски промени го сметаат за загрижувачки.

СМО објави дека нивото на морскиот мраз на Антарктикот во јуни, кој беше најтоплиот месец досега, е најниско од почетокот на сателитскиот мониторинг - 17 отсто под просекот.

-Навикнати сме да ги гледаме овие големи намалувања на морскиот мраз на Арктикот, но не и на Антарктикот. Тоа е огромно намалување, изјави Мајкл Спароу, шеф на Светската програма за истражување на климата, за новинарите во Женева.

Глобалните температури на морската површина во мај и јуни беа рекордно високи за тој период од годината, според СМО, кој предупреди дека затоплувањето на светските океани брзо се шири до длабочините.

-Не само температурата на површината, туку и целиот океан станува се потопол и ја апсорбира енергијата што ќе остане таму стотици години, предупреди СМО.

СМО очекува временскиот феномен Ел Нино, кој неодамна започна, да ги зголеми температурите и на копното и на океаните, што би можело да предизвика повеќе морски топлотни удари и екстремни температури. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан