• четврток, 19 декември 2024

СМАРТ Балкан проект – отворен нов повик  за грантови за граѓански организации

СМАРТ Балкан проект – отворен нов повик  за грантови за граѓански организации

Скопје, 10 октомври 2024

Центарот за истражување и креирање политики и оваа година доделува грантови на грашански организации, во рамките на проектот СМАРТ Балкан - Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, кој е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Јавниот повик за грантови за Национални интервенции е отворен до 21 октомври и на него можат да аплицираат организации од граѓанскиот сектор, основани во С. Македонија.

„Многу е важно што сè повеќе организации го препознаваат значењето на потенцијалот од поддршката од грантовите, а доказ за тоа е дека во С. Македонија, преку овој проект, се доделени осум оперативни грантови, четири грантови за национални интервенции, десет за локални иницијативи, два медиумски гранта и две креативни кутии. Во Северна Македонија ќе бидат доделени пет грантови, а преку овој повик, во сите шест држави ќе бидат доделени 33 грантови во износ од 700 000 евра. Зајакнувањето на капацитетите на организациите од граѓанското општество во регионот, преку подобрена соработка меѓу граѓанското општество и властите и преку градење на регионални партнерства на сите нивоа, за да се зголеми влијанието на граѓаните во процесот на донесување одлуки, ќе придонесе за потребната промена кон создавање инклузивни заедници на Западен Балкан, што ќе го промовира одржливиот развој на општествата“, истакнува Бојана Крстевска, проектна координаторка на СМАРТ Балкан проектот.

Процесот на селекција на проектните апликации пристигнати за време на Јавниот повик се планира да заврши во декември оваа година, а целиот процес на доделување грантови треба да биде завршен до крајот на јануари 2025 година.

Сите проекти за кои ќе бидат доделени грантови мора да завршат со имплементација на проектните активности до 30 септември наредната година.

Апликациите се поднесуваат исклучиво онлајн преку Платформата за управување со грантови https://gmp.smartbalkansproject.org.

Проектот СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан е започнат со цел да придонесе за зајакнување на партиципативните демократии и евроатлантските интеграции на Западен Балкан преку зајакнување на граѓанските организации и мрежите на ГО за посилна и поактивна улога во создавање на мирни и инклузивни општества за одржлив развој во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, С. Македонија, Албанија и Косово.

Овој проект го имплементира конзорциум од три партнерски организации, од Босна и Херцеговина -Centar za promociju civilnog društva (CPCD), од С. Македонија – Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и од Албанија – Институт за демократија и медијација (ИДМ), а проектот е финансиран од норвешкото Министерство за надворешни работи. Во рамките на целиот проект досега се доделени 202 гранта во износ од 8 225 000 евра.

Повеќе информации за грантовите и аплицирањето, заинтересираните организации можат да најдат ОВДЕ

 

Центар за истражување и креирање политики

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: Центар за истражување и креирање политики

 

 

Остани поврзан