• среда, 04 декември 2024

Случајот со градежните активности во Студенчишкото блато пред Постојниот комитет на Бернската конвенција

Случајот со градежните активности во Студенчишкото блато пред Постојниот комитет на Бернската конвенција

Охрид, 4 декември 2024 (МИА) – Постојниот комитет на Бернската конвенција денеска во Стразбур ќе расправа по заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“, односно неспроведувањето на препораките за заштитата на регионот и конкретно за градежните ативности во Студенчишкото блато.

Во последниот Извештај на Мисијата на УНЕСКО од 2024 година по трет пат беше укажано дека Охридскиот регион ги исполнува критериумите за поместување на листата светски наследства во опасност, притоа посочувајќи дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти, итн. нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период. 

Активистите на Граѓанската иницијатива „Фронт 21/42“ како последен случај на недозволена интервенција во регионот посочија незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, простор за кој се уште е на сила Решение за привремена заштита.

Независно укажувањата испратени до Државниот инспекторат за животна средина и до општинскиот градежен инспектор и како што посочуваат „ шестмесечна комуникација со сите релевантни инспекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид“, од „Фронт 21/42“ укажуваат дека се продолжува со непречени градежни активности на терен.

„Ниту еден инспектор од сите надлежни инспекторати не ги спроведе доследно законските обврски. Од седум постапки на шест државни и два локални инспектори, за флагрантно кршење на повеќе релевантни закони и серија на кривични дела - само за еден надзор се изготвија решенија и тие беа очигледна празна формалност. Не се спроведе ниту еден контролен надзор, дури ни по известувањето од ‘Фронт 21/42’ дека состојбата на терен е влошена. Благодарение на неспроведувањето на службената должност од страна на инспекторите, деградацијата на најзначајната од деветте жешки точки за биодиверзитетот на Охридското Езеро, ескалира - и сето тоа за имотна корист на сторители на кривични дела“, се посочува во реакцијата на „Фронт 21/42“ доставена до медиумите.

Според активистите на „Фронт 21/42“, незаконскиот урбан комплекс се гради на противзаконски приватиризано земјиште, за што виновни се одговорни лица од од Министерството за финансии и Државниот правобранител.

„Парцелите со дивоградбите се приватизирани како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста отсекогаш биле и се уште се земјоделско земјиште. Приватизацијата е спроведена од одговорни лица од Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кои издале Решенија за приватизација на градежно земјиште за кое знаеле дека е земјоделско и за кое немале никакви ингеренции да постапуваат. Дополнително, овие лица незаконската постапка ја спровеле врз основа на член кој овозможува приватизација без никаков надоместок. Во целиот процес се вклучени и вешти лица од истото министерство, а незаконските Решенија за приватизација на државно земјоделско земјиште станале правосилни благодарение на тоа што  Државниот правобранител не преземал никакви дејствија, иако негова основна должност е да ги штити имотно-правните интереси на државата“, се посочува во дописот од „Фронт 21/42“.

Според нив, не се работи за изолиран случај туку дека, како што велат „во секоја постапка, речиси сите надлежни институции ги кршат речиси сите релевантни закони – една деценија директно сведочиме како управувањето со светското наследство и на централно и на локално ниво е дефиниција за невладеење на правото“.

Инаку, активистите на „Фронт 21/42“ за случајот се поднесени пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, до Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет.

„Искуството ни покажува дека единствен начин барем да се успори уништувањето на највредното природно и културно богатство во државата, е преку меѓународната заедница. Благодарение на случајот пред Бернската конвенција, засега го стопиравме усвојувањето на предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за Споменик на природата кој, покрај останатото, на сопствениците на овие незаконски приватизирани имоти со дивоградби им даваше приоритетно законско право да учествуваат во дефинирањето на дозволените активности во зоната во која им се лоцирани градбите“, посочуваат од „Фронт 21/42“. аб/мд/

фото: Фронт 21/42

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан