• четврток, 12 февруари 2026

Слот: Беше многу важно да го победиме Сандерленд

Слот: Беше многу важно да го победиме Сандерленд

Ливерпул, 12 февруари 2026 (МИА) – Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, го коментираше триумфот од 1:0 над Сандерленд синоќа во 26. коло од англиската Премиер лига.

-Беше многу важно да победиме. Повторно покажавме колку добро можеме да играме со топката, создавајќи многу шанси. Карактерот што го покажавме во текот на целиот натпревар беше многу добар и затоа го напуштаме овој стадион со победа, изјави Слот за „BBC“.

Тој објави дека играчот од средниот ред Ватару Ендо би можел да биде надвор од теренот долго време поради повреда на глуждот.

Триесет и тригодишниот јапонски фудбалер го напушти теренот на носилки во втората половина од натпреварот. Ендо го започна натпреварот на позицијата десен бек и стана третиот играч на таа позиција што се повреди, по Конор Бредли и Џереми Фримпонг.

-Да, повредата е сериозна, но сè уште не знаеме колку е сериозна. Треба да направи снимки, но работите не изгледаат добро. Не сум сосема сигурен, но мислам дека ќе биде надвор од теренот долго време, додаде Слот.

Ендо игра за Ливерпул од август 2023 година. Тој имаше една асистенција во 12 натпревари во текот на сезоната 2025/26.

Ливерпул има 42 бода и е шести на табелата во Премиер лигата. Сандерленд е 11-ти со 36 бода. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан