Словенија ќе го укине ограничувањето за вакцинирање со Астра Зенека
- Словенија ќе ги укине ограничувањата за вакцината против Ковид-19 на Астра Зенека, така што во иднина сите луѓе, без оглед на возраста и полот, можат да се имунизираат со неа, освен ако не ст
Љубљана, 12 април 2021 (МИА) – Словенија ќе ги укине ограничувањата за вакцината против Ковид-19 на Астра Зенека, така што во иднина сите луѓе, без оглед на возраста и полот, можат да се имунизираат со неа, освен ако не станува збор за особено ранливи групи луѓе со хронични болести.
Овој предлог на словенечката Влада и го дале експертите од нејзиниот научен совет за коронавирус, јави Индекс.хр.
Според словенечката телевизија, медицинско советодавно тело се водело од мислењето на Европската агенција за лекови (ЕМА), која минатата недела, по анализа, повторно утврди дека вакцината е безбедна и ефикасна и оти придобивките од неа се многу поголеми од можните ризици. ЕМА наведе дека употребата на вакцината треба да продолжи и покрај ретките појави на згрутчување на крвта.
Некои членки на ЕУ и покрај таквиот став на европскиот регулатор, ги задржаа или воведоа одредени ограничувања за групи во популацијата кои ќе се вакцинираат, додека Словенија во последните недели ја користеше вакцината на британско-шведската компанија за имунизација на населението на возраст од 60 до 65 години.
Во иднина, вакцината на Астра Зенека во Словенија може да ја користат сите групи, освен хронични болни со висок ризик, а оние што ќе одбијат имунизација со неа кога ќе им дојде редот, ќе мора да чекаат подолго, односно да застанат на крајот од редот, јавија словенечките медиуми. јт/