• сабота, 23 ноември 2024

Словенија утре ќе го преземе претседателството со ЕУ

Словенија утре ќе го преземе претседателството со ЕУ
Љубљана, 30 јуни 2021 (МИА) - Словенија утре ќе го преземе претседателството со Европската унија, а меѓу нејзините приоритети ќе биде процесот на проширување на Западен Балкан, нејзиниот одржлив развој и закрепнување по пандемијата.
Владата на Словенија утре ќе организира Колеџ на комесари на Брдо кај Крањ, предводен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, каде ќе се разговара за програмата и приоритетите на словенечкото претседателство.
Приоритетите и целите на словенечкото претседателство, под слоганот „Заедно. Издржлива. Европа", ќе бидат зајакнување на отпорноста, закрепнување и стратешка автономија на Унијата, дебата за иднината на Европа, зајакнување на европските вредности со посебен акцент за владеењето на правото, како и развој на трансатлантските односи и продолжување на процесот на проширување на ЕУ. Министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар изјави дека Словенија ќе се фокусира на социо-економското закрепнување на Западен Балкан по пандемијата и одржливиот развој и напредок на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ. - Словенија го потенцира регионот (Западен Балкан) како еден од главните геостратешки приоритети на ЕУ, затоа мора да ги зајакне своите активности, присуство и фондови за развој на регионот. Еден од најголемите предизвици на нашето претседателство ќе биде да најдеме доволно политичка волја, и во ЕУ и во регионот, да се решат дури и најтешките прашања во регионот на конструктивен начин, рече Логар во интервјуто објавено на веб-страницата на словенечкото претседателство. Логар вели дека Словенија ќе им помага на земјите од регионот да се приближат до ЕУ, како во контекст на процесот на проширување, така и преку реализација на проекти од областа на економијата, енергетиката, дигиталното и инфраструктурното поврзување. Посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето на Зелената агенда во регионот и проектите што се важни за постепената трансформација на земјите од Западен Балкан во одржливи и зелени економии. Во Словенија, за време на нејзиното второ претседателство со ЕУ, ќе бидат организирани околу 190 настани, повеќето од нив на Брдо кај Крањ. Словенија стана полноправна членка на ЕУ во 2004 година, по шест години преговори. Три години подоцна, Словенија стана членка на Шенген зоната и еврозоната. Нејзиното прво претседателство со Унијата, во првата половина на 2008 година, беше обележано со подготовки за спроведување на Лисабонскиот договор, самитот ЕУ-САД и почетокот на спроведувањето на иницијативата за Црноморска синергија. Во тоа време, и Косово еднострано прогласи независност. Во следните шест месеци, Словенија ќе продолжи да ја спроведува програмата за тројно претседателство со ЕУ, што ја усвои со претходните две земји претседавачи, Португалија и Германија. Главната цел на таа програма е справување со пандемијата на коронавирусот и нејзините социјални и економски последици и развој на поотпорна ЕУ, која ќе биде подобро подготвена за решавање на кризите во иднина. паг/      

Остани поврзан