Словенија од денеска е полноправна членка на Европската вселенска агенција
- Словенија од денеска е полноправна членка на Европската вселенска агенција (ЕСА), меѓувладина организација чија цел е да обезбеди и промовира соработка меѓу европските земји на полето на вселенското истражување за мирни цели.
Љубљана, 1 јануари 2025 (МИА) – Словенија од денеска е полноправна членка на Европската вселенска агенција (ЕСА), меѓувладина организација чија цел е да обезбеди и промовира соработка меѓу европските земји на полето на вселенското истражување за мирни цели.
Програмите на оваа организација се насочени кон добивање информации за Земјата, нејзината вселенска средина, Сончевиот систем, како и развој на сателитски технологии и услуги, притоа промовирајќи ја европската индустрија. Агенцијата тесно соработува и со вселенски организации надвор од Европа.
ЕСА е основана во 1975 година, а на самиот почеток имаше 10 земји-членки. Со влезот на Словенија, оваа организација сега брои 23 членки, од кои три се земји надвор од Европската унија (Норвешка, Швајцарија и Велика Британија), додека Канада е придружна членка.
Словенија со оваа организација соработува од 2009 година, а седум години подоцна стана придружна членка. Барањето за полноправно членство Словенија го поднесе во ноември 2023 година на самитот во Севиља. јт/
Фото: Фејсбук