• вторник, 19 ноември 2024

Словенија избра министер за дигитализација

Словенија избра министер за дигитализација
Љубљана, 16 јули 2021 (МИА) - Словенија избра нов министер во владата на Јанез Јанша, а на предлог на премиерот, Парламентот го потврди Марко Борис Андријаниќ за таа позиција, кој ќе ја предводи новоформираната владина служба за дигитална трансформација. Андријаниќ, 38-годишен адвокат, со магистратура по јавна политика од Оксфорд, има меѓународно искуство и знаење, работел во „Убер“ и на разни проекти во Белгија, САД, Естонија и други земји. За предлогот на премиерот, кој сака да ја забрза дигитализацијата во која Словенија заостанува, гласаа 46 пратеници, додека 45 беа против. - Дигитализацијата ја гледам како тимски спорт, во неа мора да биде вклучена целата политика и целото општество, рече Андријаниќ во презентацијата пред пратениците. Дигитализацијата е еден од приоритетите во програмата за обновување и издржливост на Словенија, која треба да добие грантови од 1,8 милијарди евра и 705 милиони евра поволни кредити од истоимениот фонд на ЕУ. Во програмата веќе одобрена од Европската комисија, Словенија ќе намени 42,4 проценти од вкупните средства за „зелената трансформација“, а 21,4 проценти за реализација на дигиталните цели. паг/  

Остани поврзан