Словенија во декември ќе предложи почеток на пристапните преговори меѓу БиХ и ЕУ
- На состанокот на Европскиот совет во декември Словенија ќе предложи пристапните преговори меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина да почнат веднаш или истовремено со преговорите со Украина и Молдавија, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб во писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Љубљана, 13 ноември 2023 (МИА) – На состанокот на Европскиот совет во декември Словенија ќе предложи пристапните преговори меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина да почнат веднаш или истовремено со преговорите со Украина и Молдавија, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб во писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
- Во услови на војна во Украина, процесот на интеграција во ЕУ пред сè мора да се третира како алатка за стабилизација и инструмент за одвраќање на влијанието на странските играчи кои се заинтересирани да ја попречат европската интеграција на Босна и Херцеговина, напиша Голоб.
Тој повика на преговори меѓу Брисел и Сараево „кои официјално би почнале веднаш, заедно со Украина и Молдавија“, се вели во писмото, пренесува словенечката новинска агенција СТА.
Европската комисија минатата недела даде препораки за почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија.
Во препораката се наведува дека пристапните преговори со Босна и Херцеговина може да почнат кога земјата до одреден степен ќе ги исполни условите.
Босна и Херцеговина поднесе барање за членство во ЕУ во февруари 2016 година, а кандидатски статус доби во декември 2022 година.
Брисел ќе поднесе извештај за напредокот на кандидатот за пристапувањето најдоцна до март 2024 година. јт/
Фото: Фејсбук скриншот