• среда, 25 декември 2024

Словенечкиот парламент го одобри признавањето на Палестина

Словенечкиот парламент го одобри признавањето на Палестина

Љубљана, 5 јуни 2024 (МИА) - Словенечкиот парламент синоќа го одобри признавањето на независна палестинска држава, отфрлајќи го барањето на главната опозициска партија за референдум за ова прашање, јави Хина.

Гласањето дојде откако словенечката Влада минатата недела одлучи да ги следи Шпанија, Ирска и Норвешка во признавањето на Палестина како независна, суверена држава, како дел од напорите да се запре израелската офанзива во Појасот Газа.

Претставувајќи ја одлуката на Љубљана како „порака за мир“, премиерот Роберт Голоб кажа дека тоа е важен чекор и предуслов за преговори за решение со две држави.

Владејачката коалиција има мнозинство во парламентот од 90 места. Документот за признавање на палестинската држава го одобрија 52 пратеници, со еден воздржан и без глас против, а претставниците на опозицијата ја напуштија седницата.

Словенечката демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша во понеделникот поднесе барање за одржување на консултативен референдум за признавање на Палестина. Како што пишуваат словенечките медиуми, Јанша кажа дека владината одлука за признавање на Палестина веќе и нанела долгорочна штета на Словенија „бидејќи ја поддржува терористичката организација Хамас“.

Израелското Министерство за надворешни работи минатата недела ја осуди одлуката на Словенија да ја признае независната палестинска држава.

Министерот за надворешни работи Израел Кац рече дека одлуката, за која ќе гласа парламентот, е награда за Хамас за убиствата и силувањата. Во соопштението Кац кажа дека овој потег го зајакнува и Иран, непријателот на Израел и му штети на „блиското пријателство на словенскиот и израелскиот народ“.

Ирска, Норвешка и Шпанија официјално ја признаа независна Палестина минатата недела. Шведска го направи тој потег пред десет години.

Сите овие потези го зајакнаа палестинското прашање во светот, но го налутија Израел.

Повеќе од 140 од 193 земји-членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина како суверена држава. Западноевропските земји и САД долго време беа исклучок.

фото:МИА архива

Остани поврзан