• четврток, 26 декември 2024

Словенечката претседателка Пирц Мусар во Киев се сретна со Зеленски

Словенечката претседателка Пирц Мусар во Киев се сретна со Зеленски

Киев, 28 јуни 2024 (МИА) - Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска во Киев се сретна со нејзиниот украински колега Володимир Зеленски и го посети блискиот град Буча, каде имаше масакр на цивили веднаш по почетокот на руската инвазија, јавија словенечките медиуми.

Пирц Мусар запали свеќа пред споменикот на загинатите цивили во масакрот и истакна дека е длабоко трогната од трагичните приказни на жителите на Буча. Таа и Зеленски се поклонија во Киев пред паднатите украински војници.

„Украина секогаш ќе се сеќава на оние кои ги жртвуваа своите животи“, рече Зеленски.

Словенечката претседателка пред пристигнувањето во Киев изјави дека „Украина не се заштитува само себе, туку и меѓународниот поредок“. Таа изрази задоволство што Словенија испраќа хуманитарна помош во Украина.

Пирц Мусар вчера пристигна во официјална посета на Украина. Целта на посетата, која ќе трае до утре, е да се потврди посветеноста на Словенија на политиката за територијален интегритет на Украина, а истовремено да биде можност за зајакнување на редовниот политички дијалог и продлабочување на билатералните односи. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан